Македонското знаме се вее на Олимписките зимски игри во Сочи. На главниот плоштад до олимпискиот стадион, каде вечерва се одржа фантастично шоу. Русија се претстави пред светот со сите театарски, уметнички, културни, музички, класични и други традиционални елементи кои се симбол и историска вредност на земјата.

Зимската олимпијада („Игрите на Путин“) во Сочи уште пред официјално да стартува се соочувааше со критики и тоа години наназад. Целта на рускиот претседател е: ЗОИ Сочи 2014 да бидат повеќе од незаборавни. Но има силни критики за огромните трошоци за олимпијадата. Над 30 милијарди евра веќе се потрошени. Сите 21 претходни организатори (држави) на Зимски олимписки игри заедно немаат потроишено толку! Во Сочи се изгради комплетна инфраструктура од автопат, пруга, мостови, хотели, згради, спортски арени, ски и други патеки. Тоа наиде на критика кај рускиот народ, кој смета дека инвестиции се потребни и во други делови од земјата.

Жителите од регионот Адлер, каде ќе се одржуваат спортските натпревари во затворен простор, а не во Сочи, немаат право да негодуваат. Се е режирано од централата во Москва. „Ќе биде вака и готово.“Масовно се уништуваа цели населби со сила. Се за забавата на Путин. Во документарни филмови снимени за олимпијадата се зборува за голема корупција. Како градежни фирми преку врски и други линии добиваат проекти и инкасираат милијарди. Меѓународната заедница пак критикува за кршење на човековите права. ЛГБТ заедницата го критикува Путин дека во Русија сите немаат исти права.

Учествувам на 3-та олимпијада. Секогаш фали нешто и има актуелни теми. Според мене секоја држава која организира вакви настани треба да се почитува. Странци не можат со прст да им кажуваат на Русите што да прават и како да живеат. Но може преку овој спортски подиум да се отвори дијалог за можни промени. Спортистите имаат сила. На ваква светска манифестација се е можно. Иако нив не им е дозволено од Интернационалниот олимписки комитет да даваат политички изјави, тие можат на друг начин да направат нешто. Само политичарите не треба евтино да се лепат за спортистите и преку нив да повикуваат на човекови права. Тоа треба секогаш да го прават.

Во Пекинг 2008 имаше критики за строгиот комунистички режим. Во Лондон постојано се зборуваше за опасност од терористички напад. Во Кина и Англија ги видов истите работи како тука. Сега во Сочи се присутни истите проблеми како во Лондон и Пекинг.

Морам да нагласам дека русиве се подготвени. Сите спортски стадиони, ски и други терени, како и условите за спортистите се на високо ниво. Ништо не фали. Се движиме во нај„сигурен“ дел од светот. Има премногу тајна полиција и војска на терен. Ако погледаш внимателно ќе забележиш колку многу безбедносни камери, обезбедување, па дури и снајперисти има во Сочи. Слаби точки има од преорганизираност.

Најчудно е самото место. Сочи е на Црно Море. Адлер е во близина. Опкружени сме со планини, сонце и температура од 10 степени Целзиусови и топлина. Има и снег во новоизграденото градче со ултра модерни жичари и ски патеки. Се изгледа како на слика. Како вештачка фасада.

Сочи, Адлер и Красјана Полјана не се толку големи места. Охрид и овој регион се тотално различни, ама има и сличности. Ако помислам една секунда на Охрид прва реакција ми е: Да го сочуваме сите заедно нашето богатство. Да бидеме остри во критиките. Потребни се инвестиции, инфраструктура, хотели и се друго во Охрид. Само не по секоја цена. На пример од некој сомнителен индиец како што нему му одговара. Овде во Сочи од една страна се е сјајно и создадени се услови за следните генерации. За 30 милијарди евра. Се си има своја цена. Но, повеќе впечатлива е природата, како е уништена со механизација и како голем дел од локалното население ќе чувствува последици. За игрите на Путин.

Владо Велјаноски
Репортер на Холандската национална телевизија НОС Студио Спорт


*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.