Оваа констатација која важи за поздрав и честитка за велигденските празници за некои христијани е обична фраза, а за некои апсолутна вистина. Ако Христос не воскреснеше залудна ќе беше нашата вера вели апостолот Павле во првото посланиедо Коринтјаните ( 15 : 14) . додека самиот Исус Христос во евангелиеот по Јован 11-та глава, 25-тиот стих вели : Jaс сум воскресението и животот, кој верува во Mене и да умре ќе живее. На Велигден Христос извојува победа над смртта, но клучното прашање е дали ниe имаме жива и нелицемерна вера од која произлегува нашето спасение и незаслужениот подарок односно вечен живот кој Бог им го вети на оние што го љубат.

Колку го разбираме значењето на Велигден може да се процени од реалниот импакт на овој најголем христијански празник конкретно во нашите животи. Ако го разбираме значењето на Велигден и суштината на Исусовите страдања, на Праведниот кој умре за неправедните потребно е да го задржиме фокусот на она што Исус им го претскажа на Неговите ученици и на она што пророците го објавуваа односно дека Синот Божји ќе биде погубен и ќе воскресне на третиот ден. Дотолку повеќе ако го разбираме значењето на воскресението тоа сознание ќе ефектуира со конкретни дела во нашите животи затоа што во Библијата е напишано дека верниците се познаваат според делата, а верата без дела е мртва или бесплодна. Суштината на Велигден е во триумфот над смртта, претставен не само преку фокусот на симболи како велигденските јајца, туку во вечниот живот за сите кои ја живеат верата и кои го следат примерот на Исус како Христови ученици и Божји деца. Со други зборови, победата над смртта пластично доловено значи дека загубата на нашите сакани и најблиски или било кој друг не е крај или фатален финиш за оние кои цел живот му биле послушни на Бог токму затоа што воскресението е пресвртница во историјата на човештвото и неслучајно го славиме како најголем христијански празник.

Ако бескомпромисно веруваме во љубовта, силата и чудотворноста на Исус кој умре за нашите гревови и ако живееме според Неговите зборови изнесени во Светото писмо, тогаш нема причина зошто не би верувале во вечниот живот токму затоа што Исус вели: „Јас сум Живиот! Бев мртов, но сега Сум вечно жив и ги имам клучевите од смртта и од Адот. “ ( Откровение 1:18)

Исус не беше осуден, тепан, измачуван и не умре само за ние да имаме еден празник плус на нашиот календар, ниту за да јадеме, да се препиваме, да играме во кафани на овој свет ден, туку беше жртвуван заради нашата гревовна природа, но благодарение на воскресението можеме громогласно да извикаме: Смрт каде ти е осилото?Смрт каде ти е победата?

Нашата вера во Исус Христос Распнатиот и Воскреснатиот е онаа која не спасува од ропството на гревот, но воедно познавањето на Божјиот збор или Библијата e клучно за нашиот духовен растеж и зајакнување на нашата вера, особено затоа што сега Библијата е достапна и повеќе од потребна во оваа ера на стрес, страв, хипердинамични промени, турбуленции, хаотичност, воени конфликти, притисоци од секаков карактер, политички и економски тензии, депресија, анксиозност, виртуелна реалност, изместен вредносен систем, преокупираност со материјалните нешта и доминација на капиталистичката филозофија во секоја сфера.

Со читање на Библијата откриваме дека Исус е Патот, Вистината и Животот и никој не доаѓа при Таткото на било каков друг начин освен преку Исус ( Евангелие според Јован 14: 6). Имаме многу причини зошто да му веруваме на Исус и на сето она што е напишано во Библијата поради сите досега остварени пророштва и сите претскажувања за иднината кои веќе се случуваат.

Одговорот на воскресението и ситу други настани поврзани со христијанската вера треба да се бараат токму во Светото писмо, а не во преокупираноста со обичаи кои понекогаш ниту не ги разбираме, туку ги практикуваме чисто формално само затоа што сите го прават тоа. Вистинските верници, оние кои му го предале својот живот на Исус бескомпромисно ќе расчистат со своите сомнежи и ќе одлучат да веруваат доследно, послушно, трпеливо и истрајно во библиските вистини и сите Божји ветувања затоа што Бог вели: ,,Moлете и ќе добиете , барајте и ќе најдете, почукајте и ќе ви биде отворено.” ( евангелие според МАтеј 7:7)

Пораката на Велигден е суштинска за секој христијанин и потребно е да ја разбереме навреме за да ја живееме нашата вера.Прашањето е дали ние воопшто го бараме Бог, дали веруваме во Неговите зборови, ветувања, претскажувања и дали живееме според Неговите заповеди. Ако одговорот е потврден, тогаш нашата вера е жива и оправдана, а според Светото писмо Исус умре за целокупниот човечки род, за целото човештво. Затоа е неопходно да ја разбереме Неговата жртва на крстот на Голгота и неговото воскресение за да веруваме како што самиот Бог ни ветува дека е тука за сите кои го бараат со целото свое срце и дека никогаш нема да не напушти, ниту заборави. ( послание до Евреите 13: 5 )

Ивана Чичоска

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.