Пишува: Мишо Јузмески
Нели велат дека пред фактите и боговите молчат!? За жал, глупавите и нечесните луѓе не се ни полубогови, а ги има многу. Некои од нив упорно тврдат дека „територијата на Република Македонија за прв пат со македонското име била именувана дури во 1944 година“. Исто толку одвратно е нивното тврдење дека „пред 1944 година не постоел засебен македонски идентитет, па и тој поради политички причини бил измислен од југословенските комунисти на чело со Тито“. Застапниците на ваквите теории мора да се улави или премногу наивни, ако навистина мислат дека некој здрав и добро упатен ум ќе се фати за нивната мамка. Но нивните нечесни постапки во ниеден случај не зборуваат добро за нив. Зашто сеќавањата за периодот пред 1944 година се многубројни и доволно свежи. Овој пат ќе се повикаме на сведочењето на еден холандски писател и новинар кој бил непристрасен сведок на случувањата во Македонија во времето на најжестоките негирања на македонскиот идентитет и најсуровите прогони на неговите носители.
Во почетокот на XX век Македонија сè уште е во составот на царството на Османлиите кое ги живее своите последни години. Додека околните држави прават планови за заграбување на делови од државата што умира, Македонците гледаат да го искористат историскиот миг и да се ослободат од стегите на господарот од Босфор. По неуспешното Илинденско востание, следуваат двете Балкански војни, како и поделбата на Македонија во 1913 година. Бурните настани на Балканот го привлекуваат вниманието на целата европска јавност.
Во времето на овие настани А. ден Долард (1901-1994) е во училишните клупи и го носи своето вистинско име Корнелис Јоханес Георг Спулстра. Многу години подоцна, во автобиографската книга „Очи на грбот; гледајќи назад кон книги и современици“, сега веќе афирмираниот писател и новинар пишува:
„Уште во училиштето зборот ’Македонија‘ за мене поседуваше магичен звук. Меѓу сите сè уште непознати предели, за мене само Македонија имаше еден засебно препознатлив лик, кој од атласот зјапаше во мене со тркалезните очи на нејзините планински езера, привлечно и заводливо како очите на мојата прва училишна љубов кои наликуваа на незаборавче.“ (A. den Doolaard: „Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1971, стр. 51)
Како син на свештеник, кој згора на тоа бил и црковен историчар, ден Долард веројатно многу пати се среќавал со името „Македонија“ зашто тоа е присутно во Библијата, како и во другите текстови или во разговорите на библиска тема. Македонија како прва славна светска империја е неодминлива и во училишните лекции по историја.
На 1 декември 1918 година е објавено раѓањето на уште една европска држава. Од пеплиштата на Првата светска војна и од урнатините на Австро-Унгарија се извлечени Војводина, Босна, Херцеговина, Хрватска и Словенија, а Црна Гора останува без својата државност. Сите заедно се прилепени кон Србија и под круната на српската династија се создава Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Државата е објавена како кралство на еден народ со три имиња, но во суштина тоа е само една маска зад која се крие проектот Голема Србија. Просторот од Триглав до Гевгелија е замислен како проширена српска држава, на незадоволство на другите несрпски поданици и посебно на Македонците. Ним им е оставено само незадоволството – други права не им се дадени. Со политички чин и со силата на оружјето им се забранува дури и употребата на името Македонија со сите изведенки од него. Но македонското име останува врежано во свеста на секој Македонец и никој не може да го избрише оттаму!
Името Македонија било врежано и во сеќавањето на А. ден Долард. Со неговиот биолошки растеж и интелектуалното созревање кај него се проширувале сознанијата и за Македонија.
„Во дваесеттите години случајно в раце ми се најде една француска книга за тајните друштва: декабристите, Мафијата, Шин Фејн, Црна Рака и ВМРО, кратенка од ’Внатрешна Македонска Револуционерна Организација‘.“ (A. den Doolaard: „Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1971, стр. 51)
По низата години на политичка нестабилност, атентати и прогон на политичките противници, во 1929 година кралот Александар I Караѓорѓевиќ (1888-1934) целата државна власт ја презема во свои раце. Државата ја преименува во Кралство Југославија и ја дели на бановини со имиња според нивните најголеми реки: Савска, Дунавска, Дринска, Моравска… Целта е да се избришат историските имиња и граници на различните земји кои влегуваат во составот на државата, а така се брише и националниот идентитет на различните народности. Вардарскиот дел на Македонија, кој уште со поделбата во 1913 година е именуван како „Јужна Србија“, влегува во Вардарската бановина, заедно со делови од вистинската јужна Србија и јужно Косово. Името „Македонија“ и натаму е забрането, со намера сите нејзини жители да се идентификуваат како јужни Срби или Југословени (со српски јазик и култура), но не и како Македонци.
Во 1931 година А. ден Долард престојува во Франција. Се вработува како пристанишен работник во Марсеј, а таму … Еве што вели во неговата автобиографска книга „Животот на еден скитник“:
„По вториот работен ден седнав на докот за да ги надоместам со пиво и лимонада загубените телесни течности, кога на задната страница од ’Le Petit Marseillais‘, под еден оглас за прашок против главоболки, прочитав една мала вест. Во Јужна Србија членовите на едно тајно здружение, кои себеси се нарекувале ’комити‘, извршиле громогласни бомбашки напади. Имало жртви, но нивниот напад на Ориент Експрес не успеал. Тајното здружение беше означено со буквите ВМРО: Внатрешна Македонска Револуционерна Организација.“ (A. den Doolaard: „Het leven van een landloper“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1958, стр. 52).
Пламенот на љубопитството го опожарил умот на ден Долард. Уште истата вечер отпатувал за Белград. Таму барал информации за југословенскиот вардарски дел од Македонија, но и за пиринскиот, под власт на Бугарија.
„Новинската агенција во Белград и бугарскиот конзулат бесплатно ми ги обезбедија сите аргументи за и против, во вид на купишта книги и брошури. Кога ги прочитав, ја фрлив буквално и фигуративно под нозе сета таа историска наука и хистерична пропаганда и си заминав. Потребни ми беа луѓе, а не хартија.“ (A. den Doolaard: „Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1971, стр. 53).
Можеме да претпоставиме дека според „сета таа историска наука и хистерична пропаганда“ Македонците за Србите биле „јужни Срби“, а за Бугарите „нераскинлив дел од бугарската нација“. Ден Долард можел многу лесно и брзо да види дека двете спротивставени тврдења не можат да бидат вистинити и тргнал сам да ја бара вистината меѓу луѓето во Македонија.
„Штом се најдов во Македонија, веднаш открив дека прстите сум ги закачил во политичко осило. Поранешната Македонија, еден вилает (провинција) на Турското царство, со мировните договори беше поделена на три парчиња. Од грчкиот дел словеногласното население во голем дел беше заминато. Југославија го доби најголемиот дел. Шовинистичката југословенска влада, на чие чело стоеше еден српски крал, тврдеше дека сите Македонци со векови се Срби, додека Бугарите, кои беа истиснати во еден тесен планински појас, тврдоглаво го тврдеа она што сè уште го тврдат: сите Македонци се Бугари!“ (A. den Doolaard: „Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1971, стр. 53)
Србите својот дел од Македонија го нарекувале „Јужна Србија“ или „Вардарска бановина“ додека ден Долард, во предговорот кон новото издание на својот роман „Ориент Експрес“, во декември 1939 година пишува:
„Македонија отсекогаш беше јаболко на раздорот меѓу Србите, Бугарите и самите македонски Словени, кои пак меѓусебно беа поделени во табори. Пишувајќи, јас ја избрав страната на Македонците, кои меѓу другото најчисто ја имаа зачувано изворната, величествената, федеративно обоена идеја за слободата, која тие сакаа да ја прошират во цела Европа.“ (А. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1940, стр. 5)
Токму така: А. ден Долард во 1939 година, како и многу пати порано, Македонија и Македонците ги нарекува со нивното вистинско име! Тогаш, исто како и во нашево време, поради заблуденост од силната пропаганда или водени од личните интереси, мнозинството Македонци навистина биле поделени во табори, па соодветно се изјаснувале како „Срби“, „Грци“ или „Бугари“. Но Холанѓанецот бил свесен за постоењето и на Македонците чиј поглед бил свртен единствено кон создавање на сопствена македонска држава, која би опстојувала самостојно или како дел од една поширока балканска демократска федерација.
Работите ги опишувал онака како што ги гледал, а вистината може да заболи. Уште со првото објавување на „Ориент Експрес“ во 1934 година, книгата била дочекана на нож од сите страни:
„Бугарите книгата ја прогласија за просрпска; Србите ја замразија како премногу пробугарска; Македонците ја сметаа делумно за недоволно промакедонска! Францускиот, германскиот и англискиот превод во Југославија беа забранети; во чешкиот превод во име на тогаш сè уште постоечката Мала Антанта беше направена една промена…“ (А. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1940, стр. 6)
Романот кој првично е пишуван помеѓу 1931 и 1934, а потоа во конечната верзија преработен во 1939 година, ја обработува македонската историја преку дејствувањето на ВМРО од 1903 до 1934 година. Притоа, авторот ги поврзува Македонија и Македонците од антиката со овие од новото време, па „Ориент Експрес“ започнува со најпознатиот цитат од Библијата во кој се спомнуваат Македонец и Македонија:
„И на Павле му се јави во ноќта видение: еден Македонец застана пред него и го молеше, велејќи: ’Дојди во Македонија и помогни ни!‘“ (Дела на апостолите 16:9).
Оттука натаму, насекаде низ книгата се среќаваат името „Македонија“ и неговите изведенки. Првата глава во романот носи наслов „Македонија, јули 1903“ и продолжува со:
„Никогаш порано житото не беше толку брзо ожнеано како тоа лето во Македонија.
Секој ден сонцето го минуваше својот жаречки пат над распуканиот предел, од планината Беласица на исток, преку нeподносливо блескавиот Вардар кон белиот Кораб на западната граница.“ (A. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1940, стр. 9)
Насловот на првата глава и првиот параграф ги означуваат временските и просторните граници на дејството. Тоа започнува во јули 1903 година, меѓу планините Беласица и Кораб. Тоа е просторот на денешна Република Македонија. Според авторот, „од планината Беласица на исток, преку нeподносливо блескавиот Вардар кон белиот Кораб на западната граница“ земјата се вика Македонија. А нејзините жители!?
Уште на почетокот од романот, авторот нè запознава со војводата Дамјан Дрангов „кој освен македонски, исто така знаеше француски и грчки, и малку германски…“ („die behalve Macedonisch, ook Fransch en Grieksch kende, en een beetje Duitsch…“ – A. den Doolaard: „Oriënt-Express“. Em. Querido’s uitgeverij, Amsterdam, 1940, стр. 11)
Далеку пред 1944 година, која македонските негатори секој за себе ја озлогласуваат како „година на национална катастрофа“ само зашто дел од Македонија се избори за своја автономија и така им ги расипа нивните освојувачки планови, Холанѓанецот во една единствена реченица: (прво) идентификува постоење на македонски (Macedonisch) јазик; потоа, (второ) него го одвојува од грчкиот (Grieksch) како посебен негрчки јазик и (трето) македонскиот го става на исто рамниште со веќе добро развиени и широко признати светски јазици – францускиот (Fransch) и германскиот (Duitsch). Сето тоа го прави во времето кога македонскиот јазик е жестоко прогонуван во сите делови на Македонија. Кога, на пример, асимилираниот Македонец Анѓелко Крстиќ (1871-1952) од Лабуништа пишува прекрасни дела на српски јазик и не сака ни да чуе за посебен македонски идентитет и додека многу Македонци под грчка власт се принудувани да пијат рицинусово масло само зашто зборувале на својот јазик. Во времето кога Коста Рацин (1908-1943) мора да оди во Хрватска, скришум да издаде стихозбирка на македонски јазик, Холанѓанецот јавно кажува дека „Јужна Србија“ во југословенската „Вардарска бановина“ всушност е Македонија во која живеат Македонци кои се поразлични од соседните народи и како такви имаат свој засебен македонски идентитет! Засебноста на македонскиот идентитет во книгите на ден Долард е изразена преку честата употреба на поимите „Македонија“, „Македонци“ или „македонски“ (говор, ридови, песни, комити…), но и преку истакнувањето на желбата на Македонците да се изборат за автономија на својата татковина како противтежа на сите обиди од страна за нејзиното завладување.
Холандскиот писател и новинар А. ден Долард во темнината на раниот XX век го видел она што некои не можат да го видат ни денес, во времето на најголемата видливост. На таквите кратковиди луѓе не им помага ни најмоќниот телескоп. Зашто за добар вид е потребен и бистар ум.
(Повеќе за А. ден Долард и неговите врски со Македонија можете да прочитате во книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од Мишо Јузмески)