Истакнувањето на идејата за обврзаност кон позитивните морални вредности ја вбројува и проблематиката на правилното однесување во сите сфери на живеењето. Доброто однесување е карактеристика на воспитана и изградена личност, која знае да се однесува разумно и според правилата, во секоја средина и ситуација. Тоа е резултат на воспитувањето и обуката, со кои кај личноста се гради сфаќањето на обврските како да се однесува во духот на моралот, а со тоа таа ги учи прашањата, содржините, нормите, гестовите и манирите на позитивното поведение. Преку таа постапка се афирмира почитувањето на граѓанскиот морал кај личноста. Основните категории на оваа етичка сфера се: пристојноста, активното партиципирање во средината и елеганцијата, како естетско-етички вредности. Станува збор за значењето на формата на однесувањето иако основна е етичката содржина на почитувањето, достоинството, сериозноста и другите слични вредности важни за комуникацијата на личноста со своите најблиски и во средината во која се движи и дејствува. Доброто однесување е реална етичка појава на поединецот во секојдневието, а бон-тонот придонесува кон подобро разбирање и релации помеѓу луѓето. Примената на етиката во секојдневната комуникација претставува неопходна и составна компонента, односно таа може да биде фактор за комуницирање.

Комуникацијата е природна човекова потреба; таа е услов за социјализација на човекот, но истовремено и резултат на социјализацијата. Комуникацијата претставува пренесување пораки од една личност на друга, односно пренесување одредени симболи за да се создаде одредено значење. Помеѓу испраќачот и примачот може да настанат технички, семантички или прагматични грешки. Примачот може погрешно да слушне, но и погрешно да ја разбере пораката. За тоа често не се води сметка, па доаѓа до недоразбирања. Примената порака мора да биде многу блиску или да се совпадне со намерата на испраќачот. За успешна комуникација се смета онаа во која намерата, мислата, пораката испратена од страна на испраќачот е еднаква или многу блиска со примената порака од страна на примачот. Адекватното реагирање на примачот на испратената порака ја претставува прагматичната димензија во комуникацискиот процес. Доколку испраќачот сака да знае дали пораката е адекватно сфатена од примачот, тогаш тој треба да провери дали примачот воопшто ја примил пораката, како ја разбрал и како таа влијаела на него. Комуницирањето ги опфаќа сите средства и методи со кои луѓето пренесуваат информации. Без разлика дали станува збор за усна или писмена, формална или неформална, комуникацијата оди преку различни канали и во разни насоки, но со една цел: меѓусебно разбирање. Ефективната комуникација не е ни малку лесна работа. Тоа е комплексен процес кој обединува различни стратегии за реагирање во различни ситуации. Една од најважните компоненти на секоја култура е комуникацијата со помош на симболи, вклучувајќи го тука и јазикот. Јазикот е општествено-историска појава и за еден народ е единствен. Во зависност од целта која треба да се постигне со комуникацијата, јазикот може да се користи за: размена на информации, за поставување различни барања, кога е потребно убедување, проценување или пак изразување на чувствата, мислењата или ставовите. Секогаш кога пораката не е разбрана, во некој дел или во целост, тоа треба да му се каже на соговорникот. Начинот на којшто тоа треба да се направи зависи од ситуацијата и комуникаторите. Но без оглед на тоа дали ќе биде направено на вербален или на невербален начин, мора да резултира со повторно разјаснување на пораката.

Човекот е општествено суштество што е родено во група и во неа умира, во групата се развива или стагнира, а исто така во групата може да остане здрав, да биде болен, среќен или несреќен, добар или лош така што групата може да ја сфатиме како „матрица“ на секој конструктивно-креативен, но и на деструктивно-патолошки развој што посебно се манифестира низ интерперсоналната комуникација. Ако не постои група, не би имало ни интерперсонална комуникација. Интерперсоналната комуникација вклучува интеракција меѓу луѓето, реализирана помеѓу двајца или во мали групи. Луѓето кои ефективно оперираат во интерперсоналните односи поседуваат пет општи квалитети: отвореност, емпатија, поддржување, позитивност и еднаквост. Отвореноста претставува капацитет да се реагира искрено и спонтано на луѓето и ситуациите како и способност за прифаќање на сопстевните мисли и чувства; Преку емпатијата, како човекова особина се изразува способноста да се разберат чувствата и да се сочувствува со другото лице, односно овозможува да се слушне нереченото и да се разберат мислите на другите; Поддржувањето како способност да се даде описна и спонтана повратна информација, покажува отвореност за идеи и укажува на подготвеноста за промена на мислењето; Позитивноста претставува способност да се комуницира со самодоверба истовремено прифаќајќи го другото лице; Еднаквоста ја опишува комуникациската клима што ја препознава/прифаќа секое лице во интеракцијата како корисна, со можност да се придонесе кон нешто. Овие човечки квалитети поттикнуваат одредени интерперсонални вештини кои ја помагаат успешната комуникација.

Потребна е поголема заложба од секој поединец во поглед на правилното и успешно комуницирање затоа што тоа не претставува само потреба на современото (новото) време во кое технологијата зазема значајно место во животот на секоја индивидуа, а која не е соодветниот извор за комуникација. Не треба да се заборави на најосновниот вид комуникација, онаа непосредната, срдечна комуникација, очи в очи, која без разлика колку и да се памти, нашите телефони и компјутери не можат да ја заменат. А етичката вредност на секој вид комуницирање треба да биде неизбежен факт, бидејќи ефикасното комуницирање често поминува незабележано додека пак лошото комуницирање секогаш е очигледно.

М-р Лидија Размоска, педагог

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.