Под напливот на губењето вистински вредности во општеството
во прв ред етичките-маргинални фигури на општественото живеење
ги претвораат некои медиуми во средишта на вистински простаклук
и некултура во јавната комуникација
Скоро во секоја свера на животот неминовно се потврдува непишаното правило за тоа дека погрешното толкување на одредени општествени придобивки создава несогледиви штетни последици кои се директен или ,,колатерален,, одраз и израз на стекнатиот напредок. Губењето на воспитната димензија во ,, демократскиот,, образовен процес – веке ги заплиснува сите општествени слоеви со негативните па дури и девијантно-криминогени појави токму во училиштата. Но, кој ли на тоа ќе мислеше или требаше да мисли кога се проповедаше тезата дека училиштето и наставата се за образование, а домот и семејството – за воспитание. Сега сме сведоци дека таквата неприродна парцијализација на природниот круг на еден комплексен и комплетен процес – резултираше со тоа дека: Ни семејството, ни домот не ја одиграа својата улога во однос на воспитанието, туку ,, УЛИЦАТА,, си го направи своето. Оттука, сега сме сведоци на ,,реформа на реформираното,, па напомош се ,,повикуваат,, и веронауката и теолозите или социолозите……
Ерозијата на моралот и етичките норми во општеството која започнала на возраста на училишната клупа, незапирливо галопира во сите пори и на сите нивоа бидејки е настанато испоместување на вистинските вредности : Она вулгарното, неморалното, простаклукот и јавашлукот – стануваат КУЛ, добиваат третман на нешто што е ИН, нешто кон што треба да се стреми за да се успее во животот; да се биде забележан, прифатен и перспективен. Наместо хранење и јакнење на духовното богатство, а со тоа и создавање простор во општественото вреднување за вистински хуманистички и цивилизациски вредности во чиј фундамент се содржани ЗНАЕЊЕТО, СТРУЧНОСТА И КВАЛИТЕТОТ – духовниот живот во нашето општество а со тоа и на поединецот е доведен на нивото на ИМПРОВИЗАЦИЈА на се и сешто. Правичноста, знаењето, почитувањето на личното убедување како достоинство на личноста, непристрасноста и потребата од запазување на етичкото во поимањето на нештата и постапките – едноставно се сведени на нешто неприфатливо, демоде и прегазено од времето. Се разбира, сите овие квалификации се според еродираниот систем на вредности а не според оние вистинските – етички, хуманистички, професионални и лукративни однесувања. Дали во таквиот синџир на општествено живеење и творење старите носат поголема вина од помладите, скоро да е ирелевантно бидејки толкувањето на ,,модерните светски процеси,, посебно на ,,демократските ветришта,, е толку задлабено и испреплетено што не се гледа ни крајот ни почетокот
Сведоци сме, исто така, на една зачудувачка леснотија на замена на етичките вредности со нешто што е краткорочно исплативо, нешто брзопотезно, егоистичко и што може да се подведе единствено под терминот ,, духовен мазохизам,,. Во таквото однесување лесно се врши (за жал и консумира) замена на она што се чита како демократско со пара-вредности. Иаку таквото сваќање на животот, помалку или повеќе, е забележливо скоро во сите свери, сепак неподносливоста од тоа најмногу се чувствува во јавното комуницирање. Не само што повекето медиуми одамна ја изгубиле својата улога на едукатори и промотори на литературниот говор и културен израз ( ,,чувари,, на правописот и говорот), туку се повеќе се претвораат во средиште од кое се генерира елементарната неписменост, неначитаност, простаклук и некултура. Под плаштот на атрактивност, со оправдување дека јавноста тоа го бара и со единствена цел за брзо, лесно и евтино саморекламирање, повекето медиуми – ,,колнејки,, се во демократијата – го завземаат приматот на носители на малограѓанштината и неетичкото.
Поистоветувањето на непостоење вербален деликт како кривично дело со можноста кафанските муабети да се поместат во медиумот без никаква етичка или професионална критичност, дистанца и оградување – доведе до состојбата во која маргинални фигури на општественото живеење си ја доделија себеси улогата на КРЕАТОРИ НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ! Под плаштот на ,,различни мислења,, или божемна демократија одделни медиуми се ставаат себеси во улога на буништа за таквите маргиналци. Користејки ја така добиената можност и позиција, овие маргиналци – најчесто исполнети со лични комплекси или фрустрации – се претставуваат себеси како божемни ,,заштитници на вистината,, или ,,жртви на системот,, и ,,борци за правата на својот етникум,,. Нивните ламентирања или медитирања одат дотаму што во јавноста се пласираат како истражители, обвинители, судии или ,,пророци,,. Тие ,,поседуваат,, и документи кои и не постојат а нивните ,,анализи,, на оделни појави или дејствија на поединци (од власта) – не се ништо друго туку чиста ,,научна анализа,, за која граѓаните немаат друг избор или алтернатива!!!
Во сето ова, колку што ми изгледа бедна нивната улога на ,,креатори,, на јавното мислење, толку повеке ме чуди леснотијата со која одделните медиуми им се ставаат себеси во логистика. Најмногу, ме чуди,сепак, неедуцираноста и непрофесионалноста на оние кои таквите маргиналци ги повикуваат како соговорници или ,,извори,, на информации. Најдени себеси во улога на новинари или водители, најчесто, по сила на економските и егзистенцијални неприлики, многумина од нив го практикуваат јавното комуницирање или односите со јавноста единствено како поле за блатење, етикетирање, омаловажување на некој друг. Далеку како небото од земјата, тие и новинарството, не само што не ја сваќаат туку не ја ни познаваат благородноста, но и ОДГОВОРНОСТА на ова тешко и недоволно признато занимање. Не стигнувајки и самите за себе да ја спознаат етиката или тежината на јавно искажаниот збор, овие залутани во струката, најчесто по нарачка и со добиени однапред инструкции – се ставаат во улога на помагатели на создавањето ИМПРОВИЗАЦИЈА од се и сешто и промовирање на некритичкото и неетичко комуницирање во јавноста.
Така, се повеке сме сведоци на состојбите во кои грам демократија носи килограм простотија, некултура и дилетантизам. Но,поаѓајки од максимата дека добронамерноста не значи само укажување на слабостите,туку и изнесување одредено мислење за надминување на она што е негативно – сметам за потребно да укажам на следното. Токму во име на етиката и вистинските вредности, мислам дека маргиналците што се промовираат себеси за ,,креатори на јавното мислење,, можат да се стават каде што и единствено припаѓаат – само со практикување на вистинските вредности. Во таа смисла, медиумите не може да служат вечно како некое ,,прибежиште,, за оние кои однемајкаде наоѓаат економска или егзистенцијална заветрина. Оние, пак, кои веке го сториле тоа – не мора да учат новинарство како наука (оти не сум формалиста кој пати од гола форма и којзнае каква димплома) , но нека се обидат да ја студираат барем етиката, да го научат она што се нарекува култура на комуникација.
Оти, ако во некои средини за да се биде таксист или туристички водич е потребно да се положат некои тестови и испити за да се добие лиценца, тогаш не е никаков луксуз оној кој го креира јавното мислење да ја познава – барем етиката.
Никола Маневски
(Авторот е политиколог)