Неопходно е да се направи дистинкција меѓу лицемерната прошка и лицемерното извини. Поточно меѓу договорената калкулантска форма од ‘извини ‘и ‘простено’.Веројатно, не остана ништо свето. Немам намера за оваа политичка расправија да пишувам политички,само не можам да бидам дел од редот-нередот на лесни конзументи на лажните доблести-мани, двојниот морал-неморал,граѓанството-неграѓанството и разумноста-неразумноста.
Кога некој се повикува на светоста на семејството, тогаш е многу логично да се очекува од таа личност до последниот здив да се бори за спасување на угледот, а не пресметано да прости некое наметнато ‘извини’.Тесно партиските интереси и потребата од дневна „кодошлама“ за потенцијалната добивка на политички план, не треба да бидат поважни од човечката коректност. Кога некој неосновано би ги навредил моите родители, не постои сила која би ме сопрела истото да го докажам, иако мора да се признае дека е вистински тешко кога си на страната на опозицијата. Но, кога станува збор за луѓе од власта, и децата од претшколска возраст знаат дека вашиот спор значи по дефиниција добиен спор.
Објективниот граѓанин ваквиот однос меѓу еден и друг функционер, кога се исклучува судот како институција, а се внесува простувањето под плаштот на верата, го акцептира како нешто што ќе остане недокажано, односно и волкот сит и овците на број. Некаде вишок,некаде недостаток. Во случајов, повеќе како вишок секаде. Во оваа земја аргументите станаа особина на лудаците, а шпекулациите маестрланост на моќните.Праксата покажува дека личностите во политиката, самите си го организираат својот политичкиот погреб, истовремено заминувајќи со најевтиното достоинство. Не би шпекулирал за понудите, но не смееме да заборавиме дека побарувачката за човечки души на политичкиот пазар е огромна. Не сакам да бидам во редот на оние кои удираат бокс кога некој се наоѓа во „нокдаун“ затоа би потенцирал дека ниту еден од нас можеби не знае со какви не притисоци се соочил ‘извинувачот’ и што се не е изнудено или пак понудено од ‘простувачот’. Истовремено,сакам да потенцирам дека јас сум еден од најголемите противници за изнесување на непроверени информации во јавноста, уште повеќе кога се однесуваат не само на полтичкиот играч туку и на неговото семејство и поблиското опкружување. Во оваа колумна не зборувам за основаност или неоснованост на едната или на другата страна, но мислам дека провејуваат непринципиелноста, некоректниот притисок и непристојните предлози, на пример ставени на маса во некоја од локалните кафеани. Нити ‘извини’ нити ‘простено’ имаат вредност. На крајот на денот, секое вакво „договарање“ е само природен филтер на опозицијата.
Без оглед на се, жално е што политичарите се однесуваат како свештени лица, простувајќи условно кажано на „грешниците“,кои можеби не се грешници, можат да бидат и не-грешници но и исто така можат да бидат и поткажувачи. Каде е тука легитимитетот на правната држава?.Јас сум легалист по определба и страствен поддржувач на секуларноста, но тоа во исто време не ме спречува да бидам верник, да грешам и да простувам. Но, не намерно и со калкулации.
Секоја политичка функција носи некаква одговорност. Постојано треба да се потсетуваме дека истата не е конечна. Покрај другото, кога позади нас стои гласачка машинерија, без оглед на бројноста, никако не смееме да си дозволиме да се однесуваме кон партијата како наследство добиено од родителите. Ние можеме да се извинуваме, да простуваме или пак да се договараме во лично име, но тоа никако пред или позади партиските обележја. Секој треба да одговара за своите постапки, но кога е избран од мнозинството тогаш истиот има одговорност да реферира за своите постапки. Во политика никако не смеете да заборавите што е лично, а што е партија.
Ја обожавам локалноста на колумнава, затоа сакам да споредам цо локални вредности , односно дека, вистинското прости без вистинското извини и обратно, е како вести или културен настан без Лејла, ноќен живот без Лекарон, кафеана без Четкар, фитнес без Гоце, кожно без Баче, фудбал без Бакуле, Маркоски, Целески, Настоски, социјалните мрежи без објавите од Бетмен, детските родендени без Анета -највеселиот кловн итн, итн. Овој список има уште многу, многу примери за вистински вредности, многу, многу аполитични личности и многу малку простор во една колумна.
(авторот е докторант од областа на економските науки)