Чудно е колку не знаеме да ги негуваме и користиме своите традиционални вредности. При постоење на Охридска химна која во светот е позната исто колку и градот, ние тргнавме по потрага за нова химна. Никој не е доволно компетентен и стручен да ја оспори вредноста на новиот предлог за химна на градот. Но, кога станува збор за традиција, тоа е веќе нешто друго. Од друга страна мелодичноста на Св. Климентовата песна, освен за патронатот на градот, не е толку прикладна за отварање и затворање на Охридскиот маратон, за отворање на Балканскиот фолклорен фестивал, и други манифестации. Мелодичноста на традицоналната охридска химна БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ не само што е погодна за тие прилики, туку е идеална за дочекување на гостите од аеродром или во хотелот, што за жал не станало традиција во нашиот туризам и тоа од негрижа за негување и незнаење да се искористат сопствените традиционални вредности. Секој ќе се соглси дека за гостинот не е важен само комфорот, амбиентот на ентериерот од хотелот и програмата за неговиот престој, туку и манифестацијата за „добре дојде“ е исто така многу битна. Со тоа, не само што гостите ќе се почувствуваат пријатно, туку и нашите фолклорни групи не ќе мораат да „мољакаат“ за спонзорства за нивни гостувања. Ќе имаат можност повеќе да бидат ангажирани на настапи при дочек на гурпи, странски и домашни гости, со што и ќе заработуваат и тоа не само раководството туку и учесниците на фолклорните ансамбли.
Неодамна хорот на гимназијата од Загреб пред своите домаќини ја изведоа охридската химна БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ. Сигурна сум дека на сите охриѓани тоа им е драго, но не сум сигурна дали некој се запрашал колку охридските хорски групи при своите гостувања настапиле со својата химна.
Ме изненади коментарот на еден господин во врска со мојата колумна БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ објавена во ohridnews.com, при што спомна дека луѓето во своите туристички походи не се секогаш мотивирани од природните убавини: цркви, музеи и историски споменици, туку и светилилиштата се цел на туристичките патувања. Во својот коментар го искажа и своето незадоволство и разочарување што Билјанини извори со ништо не наликува на светилиште иако во суштина тоа е.
Според етимолошкото значење зборот СВЕТИЛИШТЕ, е место (најчесто извор, карпа, пештера и сл.) каде луѓето манифестираат некои обреди со цел да им се исполни некоја желба за здравје, среќа и сл.
Според кажувања на луѓе од постарите генерации: Првата прошетка на младите после свршувачката била до изворите. Местото било доста посетено дури и од „чужденци“ од подалечни краеви. Свршеници и млади брачни парови доаѓале дури и од Пловдив и Варна. На изворите момите доаѓале да го белат своето даровно платно и да се молат нејзините родители да ја свршат за оној што го сака. Оние кои штотуку се венчале тука доаѓале да се напијат вода и да се помолат за среќа во бракот.
Тука се случувале првите прегратки, првите срамежливи погледи, тука се изговарале првите изјави на љубов, или се голтала горчливата тага за неостварената љубов доколку родителите го договориле бракот со некој што не е во нивното срце. Станува збор за времето во кое несреќната љубов Шекспир ја овековечил во легендарната драма Ромео и Јулија, а неостварената љубов народот од Охрид ја втемелил во легендарната мелодија на БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ. Разликата е во тоа што Верона стана светска туристичка атракција, а Билјанините извори се срам и за самите охриѓани, а камоли пред светот. Можеме да замислиме како изреагирале загребските хористи и многу илјадници туристи при посетата на ова место.
За да изградиме елитен туризам пред се траба да ги сочуваме, а во овој случај и да ги реставрираме традиционалните вредности.
Ако Самоиловата тврдина, Св. Климент, Плаошник, Св. Јован Канео, Св. Наум, Св. Софија и др. се гордоста на Охрид, Билјанините извори се душата на Охрид. Во душата на секој охриѓанец ѕвонат нотите на прекрасната мелодија позната на далеку во светот.
Не треба многу за да се долови амбиентот на изворите со она што наликува во песната и целиот локалитет да го добие ликот што го заслужува. Со тоа Охрид би го реставрирал своето светилиште, а тоа значи на светот да му се претстави и со уште еден свој бисер.
Не треба многу за да претпоставиме што тоа би значело за Охридскиот туризам.
Ако сакаме да градиме елитен туризам на градот ќе му треба и монденско место со уредени тревни и цветни површини, фонтани, базени, живописни водни канали со елитни кафетерии и ресторани (два до три) и сл. Не постои поидеално место во градот за тоа од локалитетот Билјанини извори. Тоа би бил идеален спој на древниот Охрид преку шеталиштето по кејот до големиот парк БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ и изворите – СВЕТИЛИШТЕТО, со плажите и хотелскиот комплекс.
Градење на хотелски комплекс на местото на ГПТрудбеник и Гранит би значело не само уништување на вредностите на традицијата, туку и газење во душата на градот. На тоа место одлично би изгледала една голема и убава фонтана со уредени цветни површини. И самиот инвеститор кога би знаел што значи тоа место за Охрид, сигурно би се откажал од намерата, односно би побарал локација на друго место. (Ако веќе мора, нека се изградат на северната страна покрај Туристичка или на западната страна од локалитетот. Не смее да се прекине шеталиштето од светилиштето).
И покрај малодушноста и апатијата што веќе долго време е вгнездена во душите на охриѓани треба да смогнеме сили и да не дозволиме тоа да се случи.
ВЕРА ГЛАВИНЧЕВА
E-mail veraglavinceva@yahoo. com