Прилично долго време не сум напишал нешто. Не дека одбегнувам да пишувам. Едноставно се случуваа настани заради кои се чувствував прилично бедно. Луѓе мои колку бев потиштен. Некое време никако не успевав да избегам од офуцаниот театар на секојдневниот живот. Пишувањето е како излегување од сопственото тело, некаква, на прв поглед бесмислена проекција на самиот дух. Понекогаш може да биде и мудра, рационална и здраворазумска. И тоа е добро, ако ме прашувате. Само што сета таа рационалност и здраворазумност, барем мене, некако ми е досадна. И прилично малограѓанска ако сакате да знаете. Многу повеќе сакам романса со непознатото, интуитивното. Тоа е некаква можност да се побегне од проклетите бесмислени разговори со оние кои што најдобро ве познаваат. Таквите разговори, со оние кои што најдобро ве познаваат по милионити пат, навистина знаат да бидат неподносливо бесмислени. Ако ме прашате на кого се упатени моите размисли, класичен одговор би започнувал со “…искрено речено…” и сé такви некои глупости кои што би требало да бидат некаква поза на умен човек или нешто. Бидејки не сум баш нешто премногу умен – се обраќам на непознатото. Мислам, можеби звучи прилично претенциозно, ама подобро отколку да седите на проклетиот кауч покрај глупавиот мобилен, чекајки да ве повикаат на некаква фолирантска забава или слично. Луѓе мои колку сето тоа може да веотепа. Такво бесконечно повторување. Но да се вратам на некаква, каква – таква хронологија во пишувањето. Инаку морам да признаам дека тоа тешко ми паѓа. Ионака нашите животи се прилично предвидливи, линеарни и КОНЕЧНИ. Сé е некако однапред, а приори, познато, завршено и исцрпено. Толку сме рутинирани, толку слаби.
Сепак, има работи кои внесуваат човечка пристојност во нештата. На пример, можеби во јавноста помина прилично незабележено информацијата дека СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД на седницата од 15 Ноември 2007 година, ЈА ПРОГЛАСИ ОПШТИНАТА ЗА СЛОБОДНА ЗОНА ОД ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНИ ОРГАНИЗМИ. КАКО МОЌНО. ПРЕКРАСНО! Триесет и печестина редови испишани со чувство на ЧОВЕЧКИ СВЕСНИ СУШТЕСТВА. Не можам да смислам ништо што би додал. ЕДНО ОГРОМНО БРАВО ЗА СИТЕ СОВЕТНИЦИ. А само пред два месеци во еден глупав часопис читав како една вештерка не убедува дека генетски модифицираната храна не е ништо опасно и не може да има штети по здравјето на смртниците. Луѓе мои каолку отепано се чувствував иако знаев дека таа проклета мисирка е трговски застапник на белосветските генетски модифицирани семкари. Сé на сé, ОТПЕЧАТЕТЕ ЈА ДЕКЛАРАЦИЈАТА И ПОДЕЛЕТЕ ЈА НА СЕКОЈ ГРАЃАНИН НА ОХРИД, А ЕДЕН ПРИМЕРОК НА ОГРОМЕН ФОРМАТ ПОСТАВЕТЕ НА БИЛБОРД ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ.
Некако ја приведуваме кон крај и оваа година. Сé нешто си мислам, има ли некаква смисла да се бележат работите, без претензија дека е тоа некаква уметничка проза која и така никого не го интересира. Бидејки пред околлу една година го имав првиот спој со Охридњус, еве без посебно да афектирам над првиот роденден, мислам дека е навистина убава работа. Честитки за целата екипа. Најсериозно. Колку само настани ќе беа пропуштени, колку информации недостапни без еден ваков медиум.
Кога сум веќе на овие теми, во очекување на охридската премиера на “Сенки” на Милчо Манчевски, (се надевам дека нема да ме разочара како со претходната глупава Прашина), се сетив на премиерата на “Тајната книга” пред околу стотина месеци и нешто. Баш убаво од лугето што се потрудиле да направат филм за некаква книга. Најсериозно. Но проблемот е во тоа што треба да бидете прилично бистри за да смислите нешто до крај. Воведната приказна во траење од околу сто минути, беше некако О.К. Имаше еден стар лик во една полутемна просторија, кој што ја раскажуваше приказната за тајната книга. Сé на сé, во еден момент тој стариот се сретна со еден млад човек и започна да му раскажува за тоа книгата и сé. Убаво се гледаше дека овој младиот е барем едно милион километри далеку од приказната. Не можете ниту да замислите, кое беше неговото прашање кога стариот застана да земе здив од раскажувањето.
– “Ти си мојот татко”? Луѓе мои , баш ме издепримира кога го рече тоа, а и оној стариот едвај го продолжи филмот. Мислам, мене би ми било проклето сеедно дали ми е некој татко или не ако раскажува таква една приказна. Сé што потоа се случуваше во филмот беше прилично шупливо. Купишта на дебилни глупости, додека овој младиот наводно ја бара таа тајна книга и сé.
Ах, уште нешто за крај. Имам некое чувство дека во градот владее некаква културна паника. Мислам, некои медиуми прилично афектираа околу тоа колку културните збиднувања во градот биле слабо посетени (за разлика од политичките). Ало! Културните настани и дела се производ и како такви подлежат на некои економски законитости. Слушнале ли институциите кои ги организираат некогаш за зборот маркетинг, промоција, реклама, мотивирање на јавноста и слично?
Горан Мицкоски
(авторот е новинар и публицист)