Додека некои луѓе се расправаат со нерешено имотно-правни не/односи, погрешни политички програми, неуспешни тендери, пропаднати приватизации и инвестиции, банкроти, страв од рецесија и депресија, изневерувања и разочарувања во љубовта…јас се расправам со фактот за тоа како полесно да го разберам времето од аспект на спротивноста. Живееме во време на апсурди и парадокси. Време на изгубени во сопствениот идентитет и во идентитетите од останатите. Време на неподносливи лаги, по-длости и неправди, време на сладострастие , алчност, гнев, лакомост, гордост, завист, намерно предизвикување социјални неправди и сиромаштија, време носталгија, придружено со вера и надеж бидејќи живеевме бидувајќи нешто друго од она што навистина бевме, пишуваме нешто друго наместо тоа што интимно го мислевме, мислевме нешто друго наместо тоа што го очекувавме, а на крајот испадна нешто сосема друго од она за што се припремавме и знаејќи го ова, понекогаш се прашуваме што значи верата во вакво време?
 
Пред една недела бев на еден филмски фестивал со мојот последен филм. На фестивалот имаше премногу добра програма која што беше проследена со уште подобра конкуренција на филмови од скоро сите добри светски кинематографии, а организаторот со одличен маркетинг успеа да привлече еден куп гледачи за да ги гледа понудените филмови. После секоја проекција, како вообичаено следува прес-конференција во која режисерот и актерите кои глумат во некој филм, одговараат на прашања поставени од еден куп новинари и филмски фанови кои се присутни таму. Кога дојдов во киното каде што прикажувањето на мојот филм на мое големо задоволство, кино салата беше преполна и немаше место каде да седнам. Бев седнат на земја, до последниот ред во кино салата, веднаш до прожекторот заедно со уште ден куп други луѓе кои не дојдоа точно на време или не најдоа карти за на седиште. Добив огромно извинување од организаторот заради хаосот со седиштата ама на мое инсистирање останав на тоа место каде што веќе бев седнат. Сакав да ги следам реакциите на луѓето за време на прикажувањето на филмот. А, во киното влегов нервозен затоа што задоцнав поради гужвата во сообраќајот. Ретко ми се случува некаде да доцнам ама се случува. Понекогаш не можеме да ги контролираме сите работи без разлика на тоа колкава е нашата моќ и сила. Има многу причини за да немаме контрола и многу последици кои се својствени за процесот на акција и реакција. А, знам дека причината и последицата се описи на различни стадиуми на времето што следува; она што се случува порано, се претпоставува како причина, а она што следува потоа, се претпоставува како последица. Но, кога времето би се свртело, тогаш последицата ќе стане причина, а причината последица.

Мојот филм се вика “Јас и мојот живот без некои работи” и трае 40 минути и содржи онолку слики колку што животот на еден човек брои денови (1 секуна има 24 слики на филмска лента). Пред да биде пуштен секој филмот на платно, тој е во фаза на мирување намотан на едно тркало. Поминувајќи со одредена брзина преку прожекторот, тој создава илузија на подвижна слика или жива приказна намотувајќи се едновремено на друго тркало. Кога ќе заврши, филмот се намотува на друга ролна, но обратно. За да се подготви за следната проекција, мора да се премота на првото тркало. Вообичаено, ова се случува механички, со голема брзина и без вклучување на ламбата за проекција, односно невидливо во еден невидлив свет. Филмот почна со прикажување, публиката внимателно гледа, а јас си мислам дали би можело да постои подобар модел за човековиот живот во овие два света. Дали се може времето во невидливиот свет да тече наназад?
Кога ја прифативме претставата дека се на овој свет е циклично и дека се се врти во круг, дека смртта и раѓањето се едно, дека човекот се враќа на почетокот и дека се подготвува за враќање во неговиот поранешен живот, тогаш ја прифаќаме и претставата дека времето може да оди наназад, дека може да има повратен ефект, кој човекот го носи од неговиот крај кон неговиот почеток. Еднаш, баба Ванѓа убаво рече : “После смртта телото се распаѓа, како и се што е живо, но делот од телото, душата не се распаѓа. Она што останува од човекот, тоа е душата, која продолжува да се развива на повисоки нивоа и тоа е нејзината вечност, кога ќе биде родена одново. Тогаш ги препознаваме вечните луѓе”. Значи, не се бламирам со тоа што го кажувам. Веднаш после проекцијата на филмот, се одржа прес-конференција на која јас го објаснував целиот процес на снимање. Беа присутни еден куп новинари и заинтересирани гледачи кои сакаа да откријат нешто повеќе за тоа како го снимав филмот и како дојдов до идејата и приказната. Иако никогаш не ги објаснувам моите филмови, затоа што сами по себе си содржат симболи, прашања и одговори на истите, на оваа прес-конференција бев принуден да објаснувам затоа што еден гледач, кој изгледа не присутсвуваше од почетокот на проекцијата или пак не го разбра филмот, почна да ме нервира со навредливи забелешки и прашања. Нормално не возвратив со иста мера и реципрочно да го навредувам затоа што многу добро знам дека не треба да се расправам со идиоти затоа што луѓето кои не гледаат, нема да ја знаат разликата. Значи, човекот ми е лут, изговара некоја лоша и навредлива забелешка што јас ја слушам и ме навредува. Во случај времето да оди наназад, ресентиментални мисли ми се јавуваат во главата, затоа што јас дојдов на кино нервозен заради гужвата во сообраќајот па преку нервните импулси тие им се соопштуваат  на моите уши  кои почнуваат да вибрираат и испраќаат тонски вибрации преку воздухот до гркланот на другиот, овој вибрира со симпатии и наизменично му испраќа нервни импулси на мозокот и на соларниот плексус каде што се преобразувани во мисли и чувства на страствен гнев. Погледнете и видете дека мојот ресентимент е причина за неговиот гнев. Во мене се наоѓа причината на се што гледам, слушам и забележувам. Јас создавам еден вид свет во кој што живеам.

Што значи ова? Значи дека универзумот е еден и дека секој дел зависи од другиот, дека секој феномен е поврзан со другите феномени, дека ништо не може да се измени, а да не се измени целината. Секој од нас е роден со причина или со последица. Тоа сознаение е она што кај најголемите избавители, кај најголемите луѓе на човештвото го предизвикува настанувањето на чувството дека тие се одговорни за сето зло и сите страдања на светот. Гледано во еден временски правец, ваквите луѓе примаат и асимилираат во себе огромно количество човечки страдања и незнаење; гледано од друга песпектива, изгледа ги предизвикуваат. Тој друг правец го забележуваат само тие. Во тоа гледање кое му припаѓа на невидливиот свет, знаат дека тие и тоа пространство до страдање се нераскинливо поврзани. Тие знаат дека се одговорни за се што било пред нив. Тие знаат дека преку нив како индивидуа не може да се остигне трајно задоволство се додека не биде подигнато целото ниво на човештвото, се додека целоте човештво не се регенерира, како во минатото така и во иднината.

При таквото движење на времето, филантропот зема пари од сиромашните кои остануваат без ништо; убиецот му помага на убиениот да се роди и да стане одговорен за неговиот подоцнежен живот. И ќе се замислете како е ова можно!? Сигурен сум дека оние што страдаат мора да гледаат напред кон својот избавител, оние што не знаат однапред да го видат своето спасение; мора да бидат излекувани со она што ќе се случи. Тоа е внатрешното значење на верата. Верата е она со што човештвото при обртот на времето го ублажува неподносливиот товар на учителот и избавителот; она со што се подига нивото на целината. Ако добро се разбере ова тогаш ќе се знае дека единствено ограничени со нашата илузија дека времето тече во еден правец, луѓето може да веруваат во личното спасение и во рајот, независно од другите и од минатото.

За да бидам појасен, дозволите да ви кажам колку е големината на Шекспир како автор. Насекаде во светот луѓето се исполнети со благородни, зачудувачки и со трагични мисли и  чувства.  Земаат в раце испишани книги полни со безброј невистини во кои ги пренесуваат своите повисоки чувства. Ако вака постапат илјада или миллион луѓе тогаш тие книги преку таквите чувства се одново направени, одат назад преку печатарската преса, се намалуваат на се помали тиражи и по неколку века се собрани во еден ракопис. Тој ракопис на крајот го пронаоѓа Шекспир. Го става на маса пред себе, ги врти страниците, зборовите се враќаат во неговото перо и го исполнуваат со сила и разбирање. Кога се поминало наназад, тој е исполнет со екстаза и сознание, а се што почувствувале милиони луѓе , влегло во него : Читателите го создале Шекспир.

Е па така, денес сите луѓе имаат фотографска меморија. Само некои немаат филм!

 

    Илија Пиперкоски 
Авторот е режисер
[email protected]