Почитувани  мои, Ви пишувам на Денот на  македонските и сесловенски просветители, светите браќа Кирил и Методија Солунски. Ви пишувам, радувајќи се на денот на македонската и сесловенска писменост, но во исто време Ви пишувам за да  си го отпуштам гневот, да  си  изнаречам она што ми тежи на срцево, да си ја олеснам и душата…. А гневен сум сосема, до коска, до срж. Од чудни неправди и случувања во оваа моја чудесна Македонија! Некој како да сака  да ми го убие учителот во мене, народниот учител, учителот  со срце, учителот со благородна и благотворна мисија – да дели добрина од воспитание и богатство од знаење! 

Учител! Се сеќавам колку тоа гордо звучеше! Колку само добрина и љубов ме потсетуваат на учителот, на просветителот! Пријател, другар и човек во вистинска смисла на зборот  се атрибути што го красат учителот! Учителот кој секојдневно се труди да  дарува знаење на генерации и генрации ученици, на тие мали и од нив малку поголеми љубопитни и гладни за знаење, ученици. Тоа е учителот кој навидум е најбезгрижниот  човек без семејни и лични грижи, без капка сомнеж дека денов денешен ќе му го расипе некој од тие негови ученици. Дојден, со широка насмевка со  благ глас и со полна торба знаење да  благотворува, да  создава , да изградува  личности од ученици.И, на крајот од работното време  да се врати дома  кај своето семејство  да биде  одговорен родител и поткрепител на секој од најблиските за денот на сите да им биде убав. Да, тоа е учителот и тоа  е целодневната негова посветеност. А неговата  желба и неговиот животен сон е сите на кои им помага да имаат и да знаат повеќе за да може тој да се чувствува среќен и задоволен, гледајќи ги среќни сите свои сегашни и некогашни ученици и секако, сите свои најблиски од семејството.

Еден таков учител заслужува искрена поддршка и искрена почит од сите, но најмногу од заедницата, од општеството во кое придонесува. Но, е ли така?! Колку е денес, денешниот учител поставен на вистинскиот пиедестал во заедницата !? За жал, за голема жал, ништо не е како што заслужува. Неговите професионални и благородно-мисионерски грижи се  оптоварени со безброј непотребни административно-педагошки обврски кои од него се обидуваат и, за жал им успева, да направат поголем административец од учител, поголем запишувач и собирач, отколку творец и креативец, поголем  компјутерџија и “хакер” од доблесен подучувач и учител. Новите промени и реформи со кои е затекнат денешниот учител му одземаат часови и часови посветеност на помалку битни работи, на сметка на образовниот, а уште повеќе на воспиниот процес.

Денешниот учител има сè помалку време да биде вистински учител: да биде послободен и поослободен во комуникацијата со учениците и со колегите, зашто секојдневно му се случуваат промени. Му се случуваат експерименти, пилот-проекти, интерни  и екстерни  парцијални и интегрални, специфични и специјални, најавени и ненајавени-одведронебопаднати  комисии и инспекции, мониторинзи и други непознати чија цел е да висат како дамоклов меч над учителот проверувајќи го и сомневајќи се во неговото професионално знаење и одговорност. Му се случуваат правилници со барања на десетици инструменти и докази…. А, тој, учителот за да стигне до својата професионална  учителска диплома веќе посветил нормални и стандарни студии, посветил 4-5 години студирање до дипломирање, стекнал оценка од компетентни за да оценува компетентно и со секој час повеќе стекнал сè поголемо искуство за да биде учител кого го почитуваат и чиј труд, и чии знаења се доволно компетентни сами по себе и уште повеќе во знаењата сочувани кај учениците.

Денешниот учител или, ако сакате, учителот наш  денес, е поставен и оставен на удар на сите во општеството. Го демнат постојано со  разно-разни важни и неважни проекти од локалната самоуправа; од Бирото за развој на образованието, од Министерството за образование, од Просветниот инспекторат, од работодавецот со неговите административни барања, од педагошко-психолошката служба со анкети и податоци за нивна  професионална употреба и од други инстанци и институции за кои треба да одвои време и средства за да ги исполни тие потребни и голем дел непотребни нешта.

Денешниот наставник-учител личи на универзален државен аргат кој  работи и со пишани и со електронски дневници, и во нив со илјадници ситници, со двојни описни и двојно-тројни нумерички оценувања кои ги врши професионално и, скромно, без поговор во текот на целата  учебна година… Згора на сè, како капак над пеколниоит котел од обврски и  недоверби, еве го и денешното т.н. екстерно оценување на учениците, чија  цел  во сушност е оценување  токму на наставникот, на неговото небаре необјективно оценување! Каква иронија! Наставникот кој  цела година  преку десетици проверки ставил  добра или одлична, објективна или стимулативна оценка ќе добие негативна, само затоа што во едни сосема случајни 60 минути кликнал со прстот на А,Б,В,Г и не успеал да ги собере поените за истата оценка  која ја градел формативно целата година кај наставникот. И каква уште поголема иронија: токму таа екстерна, таа  инстантна оценка ќе  му стои во сведителството на ученикот, и дури ќе влијае  при уписот на  повисокото факултетско школување!

Ваквиот однос кон наставникот со едно вакво екстерно оценување, претставува  крајно екстремно потценување на учителската – наставничката професионална личност, не само во очите на надлежните кои си зеле за сомнеж да го проверат провереното и докажаното, ами и во очите на  локалната и пошироката заедница. Особено  ова  вакво екстерно оценување со една обична шеесетминутна проверка е екстремно потценување на наставникот и во очите на родителите, а и обид да се урне угледот и авторитетот на наставникот токму пред учениците. За среќа, овие последниве, учениците се рдовни и единствено искрени и објективни вреднувачуи на наставниковата личност на неговите учителски способности и вредности, како и во објективните судови и оценки. И можеби затоа учениците сакаат да се укине ваквото екстерно оценување со само еден и тоа-електорнски тест на проверка. И можеби затоа, учениците кои учеле и биле проверувани низ целата учебна година не сакаат одново “бубање” на целиот материјал за екстерни потреби*.И токму затоа, можеби сакаат да ја заштитат личноста на својот наставник од понижуваења и потценувања кои инцидентно би се случиле  во 1 час, а би траеле засекогаш!

Би сакал да го искажам мојот став и ставот на моите ученици, како и ставот на моите колеги и ставот на родителите, а конечно и ставот на СОНК, кои  во принцип се за оценување и проверка на знаењата, како на учениците, така преку нив и на објективноста на наставниците, но сето тоа, да се направи на поинаков начин. Да се подели екстерното на периоди како што впрочем оценуваат наставниците, па да сеспоредат и со време да се корегираат односно подобрат знаењата и резултатите, за на крај сите да потврдат повисок успех! Ете, тоа не би било проблем. Тука  личноста на наставникот нема да го изгуби својот углед, ами напротив ќе биде посилна во очите на учениците, во очите на родителите, а во соработка и компаративно консултативно проверување –  ќе добие и повисоко место на пиедесталот  во општеството. Токму онакво место кое отсекогаш, од антички времиња го имало, а треба и денес да го има еден  благороден мисионер, Неговото Височество  Учителот!

P.S. А, кој спомна плата?!

 Автор: Дим Дон

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.