Не знам колку навистина ве интересира сета оваа проблематика околу која сакам да пишувам, ама искрено да ви кажам и не сум баш нешто посебно расположен да се ввпуштам во расправа за вашите интереси. Како прво, доколку би внимавал на сите можни интереси, ова писание би било прилично здодевно, а второ, воопшто немам претензија да пишувам некаков глупав “научен труд”. Премногу е комплицирано, а и не сум нешто посебно отепан од желба да ја објаснувам целава работа. Една од главните причини што го пишувам текстов е доаѓањето на летото, официјално кажано “почетокот на годинешната туристичка сезона”, а тоа во нашиот град има значење на живот или смрт. Класична гума за џвакање. Се прашувам зошто не почнеме и годините и цивилизациските ери да ги броиме со “почетокот на туристичката сезона”?. Не дека не се трудам, меѓутоа сė нешто не можам да работам на таа бранова должина. Мразам кога некој смртно сериозно дави со тоа – ќе дојдат ли гости, па колку ќе дојдат, па…?. Секако дека ќе дојдат. Сериозно!. Напросто во оваа држава и во соседството сеуште има премногу социјално загрозени семејства, кои своите деца ќе ги испратат барем на неколку дена во Охрид и еден куп на типови и типки што сакаат да бидат видени во Охрид, откако по евтина тарифа во претсезона набациле еден слој на бакарна боја на телото некаде во Грција.

     

Меѓутоа, во суштина – можеби е смешно, мислам на нешто друго додека вака го тупам мозоков. Проблемот е во тоа што не сум баш посебно сериозен да го опишувам летото и сета таа фрка како што се “бара” и “очекува”. Не сум баш нешто “луд” за поетско – метафорички величења на пејсажите и проклетото секојдневие. Сė на сė ќе пишувам за нешто прилично идиотско. Комбинацијата на летните жештини и жените ми се чини прилично загрижувачка. За некои мажи и смртоносна. Не е никаква шега. Градот наскоро ионака ќе се наполни со идиотки и кретени, на кои веќе цела деценија омилен најкретенски вербален израз им е зборот дефинитивно. Е, ако ништо друго ова лето нема да ве скрши, овој израз ќе ве дотолчи. Дотолку повеќе што овој моронски израз е најомилен кај медиумските и естрадни фаци, па сакале или не ќе го слушате по терасите на охридските кафулиња и плажи.

Пред некое време ја читав Марина Мураторе и нејзината серија на жаргони и факти кои е неопходно да ги знаете за една моментална експертиза на летните женски фолиранции. Секако ќе се сложите дека клуч за разбирање на жените – не постои. Проблемот е во тоа што и најголемите женски идиотарии се фасцинантни за набљудување, дури и кога се прилично очигледни. Според тоа, кога год летово ќе започнете разговор околу жени, секогаш имајте на ум дека “никој нема ниту најбледа претстава за што зборува, а лицето кое од ваквата расправа ќе излезе како победник, в сушност е најголем ФОЛИРАНТ”. Јас за мене лично ви се колнам дека не ги разбирам и се сложувам со Марина дека постојат суштински разлики помеѓу двата пола, (иаку феминистките потрошија неверојатни стотина години во минатиот век за да докажат дека не е така).Телесни пред сė. “Прво, жените се позаоблени, помеки на допир и мирисаат многу поубаво од мажите.

Второ, нивниот основен хардвер е добро заштитен во куќиштето, за разлика од  машката телескопска направа (која се чини има и свој сопствен софтвер). Трето – заради 25-те проценти на маснотии во телото, (за разлика од мажите со 12 проценти) и заради долгиот период на таложење (есен – зима – пролет), почетокот на летото и плажата за секоја жена претставуваат вистински кошмар (затоа одете во блиските планини). Евидентна предност е што заради маснотиите полесно се одржуваат на вода. Четврто – бидејки цели две третини од женските гради се складиште на маснотии (храна), никако не оставајте ги да гладуваат, бидејки во таков случај ги трошат овие драгоцени резерви, при што се намалува нивниот обем а со тоа и нивното влијание на околината.

Психологијата пак е посебна приказна. Додека кај типовите на мажи воглавно се работи за слични модели, жените на располагање имаат мал милион на маски. Ќе ги сретнете летово. Сигурно. Мураторе вака ги класифицира некои од нив:

Сирота мала јас – умилен глас, себе си секогаш си наоѓа маани, каприциозна до срж. Нејзината формула е да изгледа беспомошно и сė да добива на “повелете”, техника која што има голем успех кај мажите чии што кршлив его како покосен паѓа на таквакршливост.

Празноглава кукла – кај нив е најчудно што воопшто не им смета што така ги третираат. Мора да е прилично забавно да се пробивате низ животот кога по вас сите се завртуваат, спремни се за добра забава штом намирисаат пари. На било какво прашање нема ни да ви одговорат бидејки се непрекидно зафатени со налудничаво посматрање, нема ли од некаде да се појави некој телевизиски или естраден морон. Ако и ви одговори, тоа ќе биде како со тоа да ви прави некаква страшна услуга. Некаде на средината на својата трета деценија, овие празноглави куклички исчезнуваат на прилично мистериозен начин. Или стануваат размазени сопруги (ако имаат среќа) или нечија крпа за бришење (ако ја немаат). Не се лукави и нивната игра можете лесно да ја прекинете. Едноставно престанете да го вадите проклетиот паричник.

Опасници – Феминистки или жени од кариера. Женствени, секси, самоуверени и ефикасни. Нажалост на ова подрачје многу малку виреат.

Обична – е ова ви е најморонската маска од сите можни женски маски. ЖЕНИТЕ НИКОГАШ НЕ СЕ ОБИЧНИ. Не морате да бидете нападни. Кажете им нешто многу културно и тие ќе помислат дека е тоа ЗНАК ЗА ПАНИКА и ќе се кикотат до бесвест како вистински моронки. Американската новинарка Хелен Роуленд напишала дека “на жената и е доволно да познава еден маж, за да ги разбере сите; мажот пак може да ги познава сите жени и да не разбере ниту една од нив”.

Може да ви се случи ова лето да отидете и на некаков глупав стрип-тиз па не е лошо да го знаете и следново, иаку мислам дека станувам претерано интимен: обично се тоа таканаречени “ексклузивни” места каде што буквално се присутни околу милион фолиранти на квадратен метар. Поентата е во тоа што некаква отепана кутричка ептен полека се слекува, пратена од претерано фолирантска музика, а сето тоа ги доведува сите акмаци во локалот до некоја врста на немà отупеност. Многу позабавно изгледа кога стрип-тиз изведува маж а публиката е женска. Е тука е нешто сосема друго. Тие знаат проклето гласно и скоро во делириум да го бодрат (мислам стриптизерот); па сепак при тоа умираат од смеење?! Изгледа дека блескаво извајаното и мускулесто машко тело претставува прилично убава и до коска секси појава, ама е и МНОГУ СМЕШНА?! Прашање е само дали тој (стриптизерот), ќе оди до крај и ќе го покаже и она најсмешното?

“Голата вистина е дека облечени многу побрзо ќе ја освоите жената отколку без облека на себе”. Прашајте било која жена.

Не е ова баш сė што сакав да ви кажам. Би можел да ви раскажувам уште некои глупави работи, но не сум расположен за тоа. Најсериозно. Секој од нас има милион глупави прашања. Секој ден. Од каде пак да ги знаеме сите тие глупави одговори? Баш глупаво прашање. Навистина.

Горан Мицкоски
(авторот е новинар и публицист)