Голем дел од читателите на моите колумни, велат дека ме читаат поради мојата острина, а оние пак кои вистински ме познаваат ми забележуваат на мојата условно кажано благост. И така, јас секојдневно, во секое проклето обраќање, било политичко или човечко, затоа што овие двете ретко се спојуваат, сериозно се обидувам да мерам со вагата на објективизмот. Факт, е дека и моите ставови понекогаш може де не се избалансирани, но јас сериозно се борам сам со себе.
Општењето од секаков вид, врз нашите мозоци е евиденто и е повулгарно од секој мој напишан збор и далеку, далеку подрско од мојата благост или острина. Помпезно се најави премин на владејачката партија, од партија во движење. Премин, веројатно по принципот од ларва до пеперутка. Жално, но однапред се знае кој е ларва, а кој пеперутка. Единствениот оптимизам за нас ларвите, за разлика од функционерите – пеперутки, е дека слободно ќе полетате и одлетате. Пеперутки, вашиот повик за непартиски вработувања, е само едно легитимно признание, за тоа дека, до сега пресудно нешто при вработување била партиската припадност. Треба да понесете одговорност за истото, а не пофалба, затоа што ако некој е лидер во партиски вработувања, тоа сте Вие. Не би го изоставил и канибалот од една политичка партија. Колку и да беше кажано фигуративно, таквата пораката сериозно чепка во уставното право на човекот.
Маркетинг од ваков тип, во економската литература се нарекува герила маркетинг. Апсолвирано е дека примената на истиов е со една единствена цел – добивање на изборите, што е природно. Но, зачудува односот на јавноста после ваквите признанија. Зачудува негрижата за младиот и потенцијален кадар, кој и понатаму се мотивира да биде буџетар. Тој ја плаќа најскапата цена на ваквите движења. Од совршени интелектуалци, прават упропастени кариери, поставувајќи погрешни мерила за успешност. Изостанува надоградбата на знаењата и искуството. Така заробени во кругот на јавната администрација, продолжуваат да живеат од избори до избори. По долги години назадување, не останува ништо друго освен борба за следен мандат на партијата од која се поставени, на соодветното или несоодветното работно место. И, секој од нив со огромна желба да стане магионичар како својот претпоставен, зошто само магионичарите и илузионистите може да имаат авиони, станови и камиони со една просечна плата.
Будењето на истиве станува прилично тешко, затоа што примерите на материјализам полесно допираат од било какви зборови. Сите овие настани претставуваат одлична варијанта за дефокусирање на јавноста. Слабиот интензитет на бранот е очигледен. Големото бранување кое го најавувавте како да се смири. Очекував борба со ѕверови, а денес траба да се задоволиме со борба на споредни играчи. Тимот што упорно тврдевте дека победува, сега го менувате. Но тимот со поголема одговорност е повисоко во хиерархијата. Тоа го заборавивте изгледа.
Денес имам чувство дека новинарското перо пресуши, омекна критиката, а експертот затаи. Денес има огромна тишина. Но, тогаш кога владее најгласната тишина, воопшто случена на политичката сцена во државата, тогаш е тивко затоа што народот зборува сам со себе..
Недовербата во вашите одлуки расте, што и не е за чудење. Цврстата и прилично звучна одлука за бран и движење ќе биде веродостојна само тогаш кога врвот на вашата партија нема да се засолнува од брановите, во безбедните заливи (читај амбасадите) со своите полни бродови. Треба да сфатите дека обичниот граѓанин денес се дави и без бран. Неоспорен е фактот дека одлично пливате во матните политички води, но народот во оваа земја оддамна научи да дише и под вода. Такви се условите.
Либерално Демократска Партија