НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ…, СЛОБОДАТА Е РОПСТВО…, ВОЈНАТА Е МИР…, ГОЛЕМИОТ БРАТ ТЕ ГЛЕДА…,
ДВА И ДВА СЕ ПЕТ…

Две минути омраза е поим кој се споменува во романот 1984 од Џорџ Орвел и означува период во денот кога членовите на Партијата во општеството на Океанија мора да гледаат филм во кој се прикажани непријателите на Партијата.

Филмот и неговите звучни и визуелни елементи (кои вклучуваат и непријатна бучава која Орвел ја опишува како да е „од некоја чудовишна машина што работи без масло“) се форма на перење мозок за членовите на Партијата, со цел да западнат во треска и омраза кон целниот-непријател. Очигледно, честа појава е оние кои ќе ги обземе ваквата омраза и физички да го напаѓаат теле-екранот…

Омразата е да се задоволат притаените чувства на нелагодност, поради мизерниот цензуриран живот што го водат граѓаните. При тоа, воведен е и годишен фестивал наречен “Недела на омразата“ како екстраполација на секојдневниот двоминутен период.

Орвел бил генијалец.. Еве само неколку извадоци од книгата да се уверите во големиот ум и пророштво на овој великан:

“Луѓето ќе веруваат во она што медиумите им кажуваат во што да веруваат.”
“Целата пропаганда е лага дури и кога ја кажува вистината.”
“Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите”.

НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ,
СЛОБОДАТА Е РОПСТВО,
ВОЈНАТА Е МИР,
ГОЛЕМИОТ БРАТ ТЕ ГЛЕДА…
ДВА И ДВА СЕ ПЕТ…

Во денешно време, анонимни онлајн натрапници (кои кукавички ги кријат податоците кој е сопственик на веб-порталот) ја сатиризираат општинската администрација во кампањата за омраза кон градоначалникот и замислуваат како нивните семејства седнуваат на кујнската маса за доза од „утринска омраза“.

За постигнување на целта (омразата) денес во Охрид, се користи овој “фантомски портал“ како главна комуникациска алатка за убедување – класична алатка за еднонасочна комуникација каде што не се остава простор да биде слушнато мислењето на другите. Еднонасочна комуникација во која те покажуваат со прст, а не дозволуваат да посочиш на нив. Еднонасочна комуникација во која поединецот е оставен сам на себе да размислува без да може да разговара во група. Комуникација во која е задушена јавната дебата на која толку многу се повикуваме.

Денес повеќе никој не се сомнева на информациите пласирани во медиумите од страна на  Министерството за изобилие и Министерство за Вистина, за успесите на “Големиот Брат“ благосостојбата во државата и идните проекти.

За Вашиот филм за две минути омраза Орвел сигурно би Ви препорачал и нова визија за Охрид каде нема да има други емоции освен страв, омраза и триумф, каде ќе бидат раскинати врските помегу родителите и децата, помеѓу роднините и пријателите. Нема да има верност осем верност кон партијата, нема да има љубов, освен љубовта кон “Големиот Брат“, нема да има смеење, освен потсмев на победникот над победениот. Нема да има разлика помеѓу грдото и убавото. Нема да има уметност, нема да има литература, науката повеќе нема да ни биде потребна. Ако сакаш слика за иднината, замисли слика на чизма која гази по човечко лице – засекогаш.

Гоце Симоноски

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.