Заминав од погребот, тажен и разочаран. Тргнав да одам на крштевка со еден куп прашања во главата. По пат си ги поставував истите прашања што ги имав како мало дете во врска со тоа, зошто умираме, каде оди нашата душа после смртта и што е со неа. Православието е дел од мојот карактер, значи таква е мојата судбина и сеуште ги почитувам тие вечни морални вредности за животот на кои ме научија моите родители, без разлика на тоа што живееме на прагот од еден систем во друг, каде што старите вредности повеќе не важат, а новите се тазе почнати да се вреднуваат и применуваат – (комунизам и ренесанса). Додека чекорев, почнав да се сеќавам на моментите кога бев мало дете, како седам покрај дедо ми, а тој ми раскажува детски приказни за старите светски цивилизации, за Инките, Маите, Стариот Египет, Атлантида, за скриените богатства, за животот, за судот и смртта. Додека ми раскажуваше самиот си ја бричеше брадата, а беше полу слеп. Денес, уште свежо ми мириса тоа “ливанто”, што го ставеше на своето лице после бричењето. Ми кажуваше приказни кои сеуште ги паметам до збор. Приказни чиешто значење ќе го отркријам подоцна, како што ми рече дедо ми. Ми раскажуваше за тоа како ние луѓето имаме заспана душа и како најтешката работа на светот е да си ја разбудеме својата душа. Тогш си мислев, зарем толку многу се заспани нашите души? Го прашував дали по смртта продолжуваме да постоиме во потполност онакви какви што сме, а тој ми одговараше дека нашата душа продолжува да живее додека пак телотот умира. Па прашав дали душата постои во целост онаква каква што е, и тој ми кажуваше дека душата продолжува да постои онаква каква што е во целост, бидејќи душата е неделива, по што јас прашав дали тоа значи дека во неа остануваат и сите стравови, страсти и зли мисли, а тој ми кажуваше дека енергијата на смртта го редуцира целокупниот живот на човекот, производ на сите негови денови кои се исполнети со радост, тага и разочарувања, во невидлива квинтесенција, исто како што и дестилацијата на илјада цветови може да биде редуцирана во една капка на парфемската есенција. И токму како што тој парфем има моќ да навлезе преку пукнатините во вратата, на начин кој би бил незамислив за цветовите и нивната првобитна форма, така преку смртта дестилираната човечка есенција е во состојба да навлезе преку времето на еден начин кој од гледна точка на човечкото тело е сосема непоимлив. Така, таа квинтесенција заедно со нашата душа патува низ световите кои нам не ни се познати. Сега сфатив зошто дедо ми, секогаш ми даваше да мирисам различни видови на ароми.
Стигнав навреме за да бидам на крштевката од самиот почеток. Сите радосни, јас збунет. Не дека не се радував заедно со моите пријатели туку се мислев зошто нашите души се заспани? Драги мои, во оваа категорија на заспани души, не ја вклучувам и мојата душа. Еднаш реков, што можам јас да сторам кога човештвото избрало да го замени Господ со производите за широка потрошувачка!? Ај да се запрашаме што може да му се случи на еден човек чие битие се состои од желби кои се поврзани за физичката удобност, за чувствата на јадење и пиење, за физичката страна на сексот, кога нема клеточно тело во клеточниот свет? Тој човек, личи како риба на суво, на којашто фактот дека можностите на воздух и се далеку поголеми, не значи ништо за неа. Секој момент за неа е страдање, а таа со своето битие копнее повторно да биде фрлена во вода. Знам дека за повеќето луѓе претставата за себе е поврзана со телото на одредена возраст, форма и здраствена состојба, вклучувајќи одредени физички чувства, но и одѕивање на одредено име. За таквите луѓе чувството дека веќе немаат тело ќе преставува најстрашното нешто. Нема да знаат каде се наоѓаат и дали постојат. Само оној што е во близок однос со телото заради опојните средства или имал емоционалниот шок, доживува неповторливо чувство и се прашува самиот себе: Каде сум? Дали навистина сум жив?
Што да сториме кога восхитувањето, ласкањето, лицемерието и сите други лажни вредности кои се потикнати од материјалните желби, можат да му го одземат на човекот чувството за сопственото индивидуално присуство и постоење,. И тогаш каква можност му преостанува да го задржи тоа чувство при незамисливиот шок на смртта? Сега знам дека не можеме ништо да сториме освен да копнееме по невозможното, молејќи се и прашувајќи дали постои некој пат кој води од нашиот физички свет во другите светови и димензии, а по кој пат може да се тргне уште пред самата смрт. А, најмалиот копнеж за која било работа, без разлика дали тоа е нешто убаво или омраза, може да не наведе да разбериме дека ние обичните луѓе во текот на нашиот физички живот немаме свесна душа, а најважната задача е да создадеме една душа која е наше “возило” кон другиот свет.
Значи, да имаш заспана душа, тоа ти е правопропорционално со тоа дека ти си веќе мртов. Ние уште од самото раѓање сме мртви само со ред се закопуваме. А, човекот што умира мора интезивно да се подготви, за да го поднесе интезивниот шок на новите стадиум. Колку побрзо повторно ја врати свеста, толку повисоко ќе се искачи, повеќе ќе ги разбере и ќе може да ги доживее. Тоа ти е исто кога човекот нурнувајќи се во студената вода за момент ја губи свеста, а се зависи од тоа колку брзо ќе закрепне и ќе може да се сети. Во нашиот физички свет, на човекот му се отворени безброј можности кои остануваат нереализирани, не заради некоја вистинска препрека, туку заради самопотценувањето, грижата, стравот од мислењето на другите. Сигурно и овде се создаваат такви замислени препреки и оправдувања со сиромаштијата, со недостигот на здравје, со страдањето и со вистинските недостатоци на телото и умот. Но таму, во нефизичкиот свет, не постојат такви објективни препреки. Се зависи од тоа што мислел човекот за себе и што сакал. Денес гледам дека повеќето луѓе се крајно неподготвени и никогаш не го доживуваат животот во духот, иако секој човек има право на тоа. Тоа е неговот смртно право но “шо к*р” да му правам кога тоа го продава поради материјална зависност?
Заврши крштевката. Веќе е доцна, а јас среќен и со мала доза на алкохол во крвта си одам дома. Се радувам на мојата будност и спремност за крајот. Улиците се малку подзамрзнати. Сигурно врнеше дожд. Застанав покрај еден мал замрзнат вир со вода. Си мислам, ако јас имам разбудена душа и за неа постои Судот? Ќе ја следи некоја казна? Ми текна на една приказна од “Македонските народни приказни” во која Ѓорги Колозов го глуми Господ, Димче Мешкоски некој грешник, а Гоце Влахов е св.Петар. Димче умира и пред да оди во Рајот, си го гледа дотогашниот живот со сите негови грешки, лоши и добри дела. Застануваат тројцата пред портите од Рајот каде што има една вага на која ги мерат грешките од животот. И на таа вага ги ставија сите негови лоши и добри дела. Без разлика на тоа што Димче имаше направено повеќе добри дела отколку лоши, лошите тежеа повеќе од добрите. Поентата на приказната е во тоа што сами си судиме што понатаму. Од старт ќе го исклучам средновековното догматичното сфаќање за пеколот и рајот и место нив ќе додадам повторно раѓање и живеење или вечно страдање без светлина во друга форма од којашто мора одново да почне неизмерниот подем кон спознанието за Господ. Ова се вика само-определување. Не дека јас не грешам во животот ама секогаш барам покајание.
Стигнав дома и повеќе не се измачувам да најдам поврзаност помеѓу животот и смртта или обратно. Сега знаеме дека во моментот на смртта, нашата душа треба да влезе во безвременоста или вечноста, така? Од тој момент на безвременоста, од тоа учествување во вечноста, сите точки на времето се достапни на ист начин. Всушност тие не се поврзани со времето, туку со интензитетот на енергијата која ги оживува. Господ сам го дава и сам го одзема животот. Човековата агонија на смртта е идентична на екстазата на неговото зачнување. Моментот на смртта и зачнувањето е ист, и нивното дејство е ограничено во некоја точка од времето исто како што и силата на лостот е ограничена во некоја точка од просторот со заклучок дека бесмртните се смртни, а смртните се бесмртни. Едните го живеат животот на другите, а другите го умираат животот на првите. Знам дека патот горе и патот долу е ист. Исто се и почетокот и крајот, животот и смртта се исто, а исто така и будното и сонливото, младото и старото, бидејќи едното настанува преобразувајќи се во друго, а ова повторно станува првото.
Денес е најубавиот ден во мојот живот. Ден во кој се кажува дека доаѓа крајот на светот, а јас со нетрпение го чекам да дојде. Мислам дека на овој свет уште од многу одамна требаше да му дојде крајот. А тоа е во моментот кога исчезна моралноста и кога луѓето почнаа да практикуваат аморални концепти, активности и заповеди. Кога за прв пат почнаа да крадат, лажат, силуваат, убиваат, кога за прв пат станаа алчни и лакоми, кога за прв пат почнаа да прават празни муабети, кога се измисли турбо-фолкот. Веќе се е дегенерирано во мизерија. А кога е така, бидејќи сите работи се циклични, како што е раѓањето со умирањето, така и универзумот ќе се роди одново. И на крај што ми преостанува? Одвај чекам да пропадне овој свет, а и јас во него за после тоа одново го градиме.
И пред да ме снема, со радост ќе ја пеам оваа песна:
Догледање, без бакнежи и солзи, и на нозе, додека пишува “THE END”. Од истокот, златно-жолт ден се раѓа, а навечер на запад се се дави в крв. Наместо торжествен тресок, светов ќе замолкне во срамен писок “Nevermore”. Нишани горе в небо и замолкни во тишина.
Мизар – Почесна стрелба
[email protected]
п.с. Авторот никогаш немал самоубиствени намери и никогаш нема да ги има. Во овој момент, хедонистички ужива во животот и го празнува секој ден како да му е последен.
п.п.с. Последното нешто на кое мисли слободниот човек е смртта. Дали сте спремни да бидете слободни?