Духовното над материјалното, помагањето и обединувањето нека го     спасат човештвото и нека ја потврдат Македонија како библиска земја 

И нека биде празник ! Нека се множи духовноста ! Нека има што повеќе осветени езера како Охридското за Водици. Осветени реки како Јордан, како Вардар. Денови на чествувања, кои и покрај тешкото време во кое сите се бориме за живот, го вадат најдоброто од нас. Нематеријалното, човечкото, духовното. Нека излезе нашата чистота, скриена под тешкиот товар на лагата, лицемерието, политиканството. Во суровата потрага по животна егзистенција, по пари и превласт, во економската и кризата на вистинските вредности, со што се соочува светот и човекот, Богојавленски осветената вода нека ни ги измие гревовите. Нека ни ги врати силата, физичкото и ментално здравје, заедно со храброста да влеземе во нејзиното студенило. Нека ни даде возвишено чувство на среќа, радост и верба, зошто и  духовното, а не само материјалното, може да го спаси човештвото. Да не направи луѓе, за да не заборавиме кои сме и што сме.
 
Убавите големи празници, симбол на христијанството, како оној посветен на Исусовото крштевање – Водици треба да не вратат на корените, во битот на традицијата, во колевката на нашите обичаи, православни, македонски, охридски, кои ни го сочувале идентитетот низ вековите и бурната историја. Време е уште еднаш, и сега најмногу, кога повторно по којзнае кој пат се докажуваме кои сме, кога ги браниме атрибутите на државата, нацијата и јазикот, цврсто да се потпреме на верата, каде што сме најсилни, најбогати, најдокажани, најдревни. Македонија е библиска земја. Била и ќе биде. Тогаш, ние нејзините сегашни жители, потомци на бројни генерации Македонци и претци на некои нови, кои ќе продолжат да чекорат на ова парче под сонцето, треба да се разбудиме од сонот и јавето да го живееме со отворени очи, активирајќи ги сите сетила.   
           
Што треба да ни биде прозорец во животот ? Материјалното, по кое трчаме секојдневно ? Или духовното, чија концентрација е најголема на верските празници ? Ако погледнеме низ  призмата на празнувањето на Богојавление во Охрид, нашиот македонски и балкански Ерусалим, одговорот ќе си дојде сам и без да трагаме по него. Насмеаните лица, радоста во очите, почитта и љубовта што зрачеше од славениците, вистинските богољупци, ја испрати најважната порака од празнувањето. Славејќи го јавувањето на Бога, верниците, а и оние кои не се многу по верата, ја примија тајната на светото крштевање и се обединија. Различните по потекло, по возраст, по статус и благосостојба, дури и по начин на живот и политички предзнак, се најдоа на исто место. Чествувањето на Богојавление ги обедини лутите “непријатели“ и различномислениците, луѓето  сместени на спротивставените страни од животот, работата, власта, па дури и љубовта. Под закрила на Водичарската прослава на брегот на милениумското Охридско Езеро, во подножјето на магичниот Охридски рид, се манифестира сплотеноста, што сега ни треба повеќе од секогаш. Заедништвото, поттикнато од духовната возвишеност, каде универзалните и вистински човечки  вредности се над се, ни го покажаа патот кон избавувањето и посветлата иднина.
   
Како човек и стопанственик, кој минал низ многу искушенија во работата и животот, имајќи ја честа да бидам присутен како обичен православен верник и привилегијата да ја уживам довербата како годинашен кум на Богојавение во Охрид, сакам да ги поделам моите исконски чувства со кои ме обдари празнувањето. Капејќи се по трет пат во осветените езерски води, понесен од бројниот вознесен народ, повеќе од секогаш сум сигурен дека тајната на животната победа не е секогаш и само во материјалното, туку итоа како во духовноста. СЕ што правиме, нека биде преку духовното. Тогаш нашите дела ќе бидат вистински, благородни, праведни, човечки. Дури  и тогаш, ако духовното ни е прозорец кон материјалното, или сме ставиле материјално во духовното, само колку да го збогатиме славењето на Бога. Водени од духовноста, а правејќи добри дела за народот и световното ќе добие поубав сјај. Така, и Охрид ќе биде поубав, поавтентичен, побиблиски, а Охриѓани, заедно со сите намерници и гости, ќе бидат добар пример како треба да се делат и множат убавите настани, убавите традиции, обичаи, непроценливото културно-историско и црковно богатство, што без штедење се истурило на ова парче бибилска земја.

Мојата порака е на возвишените празници, она што сме го создале во животот да го поделиме со другите, да им подариме дел од нас и нашето на оние на кои им е најпотребно внимание, здравје и  љубов. Така сите ќе се сплотиме, создавајќи не само материјални, туки и духовни дела, како вистинска заедничка вредност и патоказ во животот и ќе докажеме дека Македонија и Охрид навистина се Библиска земја.

                                 

                                       Д-р Ванчо Чифлиганец
(извор „Дневник)