Нешто навистина битно му недостига на човештвото.Не сакам да бидам  патетичен како еден милион други акмаци што последниве денови се испокршија пишувајки за Тоше. Повеќето од нив имаат редовен простор за пишување на проклетите колумни во глупавите весници, каде за пари со години наназад тресат невидени политички фолиранции. Не беа баш нешто посебно луди да пишуваат за Тоше, Симон, Трајанов или слично. Убаво се гледа дека не се баш нешто паметни – мислам овие колумнистите. Во тоа е пробелемот со сите овие морони. Во невидената неспособност да се препознаат вредностите. Долга приказна е тоа. Не сакам да ве заморувам со нив. Само ужасно ме нервираат, тоа сакам да ви кажам. Можат да пишуваат за тошевата смрт и сето тоа, но додека беше жив беа од корист колку и вампир закачен за врат.
Да се вратам назад. Расеан сум признавам. Чудно се чувствувам. Како да сум во некој пад, ужасен вид на пад. Само што ќе ја средам проклетава глава, некоја од музичките интерпретации на Тоше ќе допре од некаде и прво што чувствувам е како некоја ужасна правосмукалка да ми го всмукува мозокот од черепот за одма потоа со сета сила да го врати назад, в жештен и здробен на едно милион парчиња.

Ми паѓа на памет Ајнштајн со неговата мисла дека “најчудно од се е тоа што светот секако има смисла. Останува да се види како во таа смисла би се нашле луѓето”. Не знам зошто, мислам дека смислата е да се биде човек. Затоа што е тоа најтешко за најголем број од нас. Тоа не се станува со декрети и слични писанија. Многу е полесно да се стане светец, да ве стават во некаков западноцивилизациски јудеохристијански калап, па после сите егоистични скотови да доаѓаат пред вашата икона и од вас да бараат да им помогнете за триста милиони лични, егоистични глупости. Не дека сум нешто посебно намќор, ама ми е тешко да разберам пет милиони години еволуција за од ЧОВЕК  да направиме светец. Зошто би го прогласувале за светец? За од човекот кој се ви даде, во манирот на јудеохристијанскиот егоизам да барате уште? За една запалена свеќа од пет проклети денари да барате исполнување на вашите апсурдни, космички тотално неважни, егоистички желби и потреби? Каква само бесмисла во однос на вечноста што не опкружува.

Кога ќе падне ноќ, погледнете само кон небото кое ги одразува соѕвездијата под кои уште Изида ги обавувала своите погребни ритуали, ѕвезди кои ги гледал Рамзес и Исус, меѓутоа и пештерскиот ловец и сите тие ликови ни говорат: “Само еден чин не може да биде совладан ниту од рамнодушноста на ѕвездите ниту од вечниот шепот на реката: ТОА Е ЧИНОТ СО КОЈ ШТО ЧОВЕКОТ ОТИМА НЕШТО ОД СМРТТА”. Колку само такви чинови направи Тоше! И сите тие беа исполнети со ДУЕНДЕ. Шпанскиот поет Гарсија Лорка во својот есеј “Теоријата и праксата на Дуендето” вели дека  “…за уметникот, ДУЕНДЕ претставува сетилното (изронливото) присуство на нечија смрт која гледа преку неговото рамо; дека присуството на Дуенде ја исполнува уметноста со итност и живот; неговото отсуство ја чини уметноста млитава и мртва”. Прв пат овој термин Лорка го слушнал од играчите на тангото  кои го користат за да ја опишат елементарната сила која што таа игра може да ја има. “тоа има Дуенде”, велат тие.

Само мал број на луѓе посветуваат огромно внимание на природата на своите дела. Нивната среќа се состои во тоа што тие при извршувањето на секој чин ПОТПОЛНО СЕ СВЕСНИ ДЕКА ВРЕМЕТО ИМ Е ОГРАНИЧЕНО, па баш заради тоа секое нивно дело содржи некаква чудна сила и убавина, свесни дека тоа може да биде нивниот последен чин, последна борба на земјата.
Таму, во далечината, таму “нешто” не чека, сите нас, и тоа сосема сигурно и сосема е извесно дека еден ден ќе се споиме со ТОА (Дон Хуан). А бидејќи нема никаква сила на светот која ќе гарантира дека ќе живееме барем една минута подолго, под силината и убавината на делата на Тоше, се сеќавам на стиховите на шпанскиот нобеловец Хуан Рамон Хименес, роден во Андалузија чиј пејсаж и чии луѓе ќе бидат инспирација за неговите стихови со Дуенде, како и музиката и интерпретациите на Тоше, за кого ледините и сокаците на Крушево и на неговите луѓе, ќе бидат инспирација за неговото Дуенде. Можеби во димензиите кои што за нив се сега познати, надвор од човековиот егоизам и суета толку својствени за нашето битисување на оваа планета во просторот на огромното НИШТО, ќе направат повторно дела со ДУЕНДЕ.

ЕДИНСТВЕНОТО БИТИЕ

Да не ме напаѓа однадвор никој
И внатре да се слушам сам.
Бог сум Јас на мојата град.
Јас сум сȇ; зајдисонце и зора, живот и сон
Пријателство и љубовна страст
Светот сум самиот јас.

Врвете, не мислете на животот мој
Пуштете ме закопан и строен,
Јас единствен, во средиштето мое.

Како да се плашам од тебе Смрт?
Зар не си со мене тука, во делава мои?
Зар не те допирам со очиве мои?
Не ми велиш дека не знаеш ништо, дека си празна, несвесна и мирна?
Зар не уживаш со мене во сȇ ?
во слава и осама, во љубов до срцето твое?
Зар не ми го чуваш Смрт, животот простум?
Зар, слепа, не те влечам и водам како придружник твој?
Зар не ја поднесуваш робинко, добрината со која те задолжувам?
Што ќе видиш, што ќе речеш
Каде ќе одиш без мене?

ПОСЛЕДНОТО  ПАТУВАЊЕ

…ќе заминам и јас.
А птиците ќе останат пеејќи
И градината ќе остане моја
и зеленото стебло во неа
и кладенецот бел.

Секоја вечер, небото спокојно ќе е и сино;
и како вечерва, ќе звонат ѕвоната на камбанариите,
и тие што ме сакаат ќе умрат;
и секоја година светот ќе се раѓа,
а во едно катче од градината моја
варосана и цутна
духот мој носталгичен ќе лута.

…ќе заминам и јас; и сам, без огниште ќе бидам;
без зеленото стебло и кладенецот бел,
без небото спокојно и сино…
и птиците ќе останат пеејќи.

БЕЗ НАСЛОВ

Оставете порти отворени вечерва
ако сака да дојде оваа вечер,
тој што е мртов.

Нека е отворено сȇ,
да видиме личиме ли на неговото тело,
дали сме моќни, да видиме од неговата душа,
во просторот вака предадени?
Ни фрла ли нешто големиот бескрај,
соединувајќи нȇ со нас самите?
Умираме ли малку тука;
а во него таму живееме?

Нека биде отворена целата куќа
како да е присутен тој
со телото свое во сината ноќ,
со нас, како крв
со ѕвездите, наместо цветови

Горан Мицкоски