Со кола од Амстердам, Холандија, до мајка Македонија во Охрид е интересна авантура од 2300 километри. Заедно со родителите го имам поминато овај „Тур де Балкан“ како бебе, дете, тинејџер и возрасен човек сигурно 25 пати. Низ екс-Југославија, Унгарија или со брод од Италија преку Грција. Јако доживување. Незаборавно. Го гледаш светот со други очи. Светот од четири колца, од асфалт, климатски промени, природа, градови, култури и различни сорти карактери. Сите сме тогаш како мравки. Свој газди и судии. Себични. Секогаш е другиот крив, нели.

Ако доаѓаме во Македонија преку Србија тогаш последните 230 км, од граничнииот премин Табановце до Охрид се: уште-малку сме дома, и боже чувај не. Во тие три стресни сати се возиш по страшни патишта. Си мислиш: до овде дојдов ќе стигнам – што сака да биде, како секогаш дома. Готово. Не се предаваш. Има на моменти лоши делови со катастрофални дупки. Ама исто голем проблем се камиказа-возачи на патот до Охрид. Такви типови немаат никаков одговорност кон другите учесници на сообраќајот. Со странски таблици и македонски. Сите сме често сведоци на опасни „акции“ од себични блесави шофери.

Во невозможни планински свиоци, на дупли полни лини (каде што е строго забрането да се вози бесно) тие престигнуваат и ти праваат тебе и на други од контра страна многу незгодни проблеми опасни по живот. Се се’ работи за секунди. Тие се однесуваат како да се сами на асфалтот. Што ке правиш. Иако возам годишно низ Европа 40.000 километри пак ќе им пустиш пат во тој мал простор. Гледаме во ретровизори што се случува. Ќе намалиш брзина. Нека кршат глава.

Најнесфатливо ми е кога има во такви коли цели фамили. Таткото зад воланот, мајка до него и позади седат две три деца (без врзани сигурносни појаси). И господинот уште тебе те прави будала со финти. Не дај боже да им се случи нешто со ваков селјак. Истовремено го молиш господ да не ти се случи тебе нешто. Или на децата твои и сопругата. Колку пати му се има на секој еден ова случувано, верувам многу, тој позади тебе е веќе до тебе, а од спротивна страна доаѓа со голема брзина друга кола. Ако не закочиш ти веднаш – гарант будалата кој што е крив за се – ќе загинит. Со цела негова фамилија. Дали ќе ти рече фала? Од сите 200% негови грешки, уште ти ќе си крив за се. Господ златен. Тоа е.

Луди се таквите хорор возачи. Не, тие се на моменти дракули со маски. Ги има од сите сорти. Млади и озбилни во години. Зошто се вакви и такви. Што ги мачи? Што им смета? Кој им е крив за се во нивниот фрустриран живот? Депресивно лудуваат на асфалтот, каде сите си одиме до своја дестинација. Зошто така да се однесуваат во отворениот свет каде што треба едниот и другиот да се чуваме и да водиме сметка едни за други. Тие како да немаат правец или план каде одат во животот. Затоа се можеби такви. Подобро е да не им даваме никаков сигнал со око и мимики. Бидејќи тие веќе го имаат предвреме згрешено патот во животот. Прописи, табли, линии, закони, логика; тоа се за нив не постои.

Искрено: многу се плашам на македонските патишта. Се плашам некогаш и во Охрид да преминам на пешачки премин. Мислиш тука на тоа парче асфалт си заштитен. Никој не те шиша… подобро почекај си. Се е нешто нервозно, напнато во Македонија. Одбегавам глупости и се плашам да не загинам од грешка на други. Разни факултети и професори имаат истражено ако возиш со малку поголоме брзина; само неколку минути побрзо ке стигнеш на дестинацијата. Значи некоја будала која што ќе те престигне некаде кај Кичево 3-4 минути побрзо ќе е во Охрид. Ајде разбери се.

Друга реална приказна. Од Куманово до Гостивар има 5 или 6 рампи за патарина. Веќе неможеш да ги изброиш. Нема ни цели 70 километри. Од Амстердам до Охрид – низ Холандија, пола Германија, цела Австрија, цела Словенија, цела Хрватска и цела Србија – во сите држави заедно нема толку места за патарина до првата македонска рампа. На овие 70 километри (Куманово-Гостивар) си сведок на маките, реалноста, неслогата, проблемите, не организирани работи во државата. Тие рампи за патарина се симболично огледалото, приказната и судбината на Македонија. 5-6 рампи за едно бебешко автопатче. Таман ќе трнгеш и пак треба да застанеш на  рампа, да платиш. Вози и кочи. Сметка. Кочи. Вози. Сметка. Се со пречки и застанување. Можеби е решение секој жител со кола во Македонија да плаќа една сума годишно за патарина, а на странците на граница да им се бара по 25 евра за месечна карта и готово. Од друга страна, нека останат патариниве. Иначе од Куманово до Гостивар патот ќе е лудило, формула 1 писта. Тогаш што ќе правиме! Ќе има само дракули, без маски!

Инаку ова лето доаѓаме со авион до Охрид. Со убаво. Ќе се расправаме само со познатите, културните, со подобрите, чесните таксисти….Тоа е, животот неможе да е перфектен.

Поздрав,
Влатко од Амстердам

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на
истите.