Еколошкото друштво ‘Грашница” се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден на водите – 22 март. Овој ден е усвоен со Резолуција на ОН во 1992 год. во Рио, а декадата 2005 – 2015 г. е прогласена за декада за акција наречена ‘Вода за живот”. Да направиме едно резиме како стојат работите во нашиот регион: го имаме Охридското Езеро – едно големо сино око без кое веројатно Охрид и не ќе постоеше. Веднаш до нас, не помалку е значаен Црн Дрим за Струга. Како синото да остане сино?
Еден од врвните приоритети кои треба да го имаат надлежните во предвид е најитна реконструкција и конечно завршување на колекторскиот систем. Проблем кој се провлекува повеќе од две декади и го загадува езерото преку најкритичните точки: селата на источниот брег, бајпасот кај стадионот Грашница, препумпните станици кај Далјан, Подмолје и многу други. Бараме надлежните веднаш да ги впрегнат ракавите и со сите сили да ја остранат оваа рак рана за езерото.
Слична е состојбата со реките кои се влеваат од македонска и албанска страна: Сатеска која носи големи количества нанос, Коселска која носи загадени земјоделски и комунални води, Черава која носи отпад и индустриски води итн. Потребни се поголеми средства за јакнење на јавната свест, административни и технички мерки како: противерозивно уредување, добро управување со отпадот, примена на добри земјоделски практики, зачестен инспекциски надзор. Загрижува и дивата сеча со години во планините од непосредното опкружување на езерото. Жителите треба да се свесни дека ако ја снема шумата ќе избега и водата. Ќе останат само карпи и камења кои тркалајќи се заради ерозија ќе направат штети со огромни материјални последици и не дај Боже човечки жртви.
Водата треба да се штеди. Освен со промена на нашите навики (во домот, користење техничка вода за јавни потреби), најитно е потребно намалување на загубите на вода во системот за водоснабдување. На патот до потрошувачите, во просек се губат 50 % па и повеќе од водата која се каптира од изворите. Врвен приоритет во доменот на заштеда е обнова на водоводната мрежа и сведување на загубите до 15 % колку што се толерира во Европската Унија.
Кој управува со водите? Во моментов неколку министерства заедно со локалните самоуправи имаат надлежности во водната сфера. Се чини дека таквата расцепканост во управувањето доведе до негативни последици во користењето на водните ресурси и експлоатација на езерските и речните брегови. Европската рамковна Директива за води која постепено се прифаќа во нашето законодавсто како и спроведување на Националната стратегија за води (2011 г. – 2041 г.) треба да воведат ред во користењето, квалитетот и економиката на водните ресурси. Ова уште повеќе бидејќи нашиот регион освен со површински, може да се пофали и со богатство на артеска вода (тн. жива вода) која не баш рационално се искористува.
Би сакале за крај да спомнеме за една опасност која полека се приближува кон нас. Тоа е продажба на изворите и системите за водоснабдување под маската на јавно-приватно партнерство или приватизација. Високоразвиените земји и поранешни светски колонизатори во моментов притискаат да се приватизираат водоводите и канализационите мрежи во посиромашните земји. Зад ‘великодушниот” гест: дајте ни ги вашите води, ние ќе ја обновиме мрежата и ќе управуваме, па потоа ќе ви ја вратиме, се крие најбескрупулозен трансфер на нашето природно богатство во странски земји. Би се случило тоа што на некој купувач ќе му се ‘подари” водоводната инфраструктура која за возврат би ја реконструирал и управувал. Нормално дека реконструкцијата и инвестициите ќе бидат наплатени преку значително покачување на цената на водата кое божем би се одвивало постепено. Со еден збор, странска компанија би ја диктирала цената и заработувала енормни средства со продажба на домашна вода на населението! Во минативе години многу градови во Грција, Бугарија, Романија и Унгарија се соочија со двојно зголемување на цената на водата по претходна продажба на водоводните системи. За среќа Италијанците навреме ја уочија оваа опасност и во 2011 година со убедливи 95 % од вкупно излезените гласачи на референдум, го одбиваат планот на Берлускони за приватизација за водата. Веруваме дека Македонија ќе биде доволно мудра и ќе му оддолее на ова ропство, чувајќи ги стратешките и националните интереси.
Допрва ни претстојат многу битки за заштита и зачувување на водата. Во моментов се водат војни за експлоатација на нафта, а на ист начин војните за питка вода ќе го одбележат овој век.
Еколошко друштво „Грашница“ – Охрид
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.