Во сите денови обременети секој со својата тежина, ни стигнува на календарот и Денот на Животната средина. Денот на она со кое сме секојдневно опкружени затоа што едноставно ,животната средина е се што околу нас, од непосредноста до глобалноста. Да се зборува за животната средина на глобално ниво е оптимистичко –песимистички потфат кој почнува со приказна, со осуда, со загриженост ,грижа и завршува со филозофија за можното и неможното. И за да не биде ова уште една филозофија за зелените шуми кои ги сечеме , за бистрите води кои ги загадуваме, за чистиот воздух кој го труеме, за незагадената почва која ја правиме депонија, за просторното планирање со кое уништуваме вредности , текстов ќе биде сведен на зафатите на регионално , локално па и индивидуално ниво како мала сликичка во глобалната слика за еколошките вредности.
Директно, што всушност ние сме направиле за нашата непосредна животна средина? При обидот да одговориме на ова мора да ги исклучиме самопофалбите дека овде е најубаво , дека овде е најпрекрасно ,дека ова што го имаме ние е најубаво на свет. Секако дека не е така, но е НАШЕ и ние мора да го сочуваме, презентираме и валоризираме , како дел од глобалната слика за убавините на Планетата. Од природен аспект овде сме најпознати преку Езерото Охридско и се повеќе по она Преспанското. Ендемизмот , квалитетот на водите, споеноста на езерата како феномен ни дава реткост заради која намигнуваме на меѓународни конференции, заради кој имаме што да кажеме на големи настани и заради која бараме поддршка низ светот. Имаме и статус на глобална вредност културна и природна наречен УНЕСКО што додава на нашата гордост . За да се сочува и валоризира тој простор водиме (ние екологистите) долгогодишна битка со посилните сектори. Се трудиме да докажеме дека заштитата не значи стопирање на економскиот раст, туку негова поддршка.Во нешто сме разбрани, во повеќето не. Посебно сме разбрани од некаде надвор каде е поинаков пристапот кон овие глобалните вредности . Таму ја разбраа нашата работа и цел и го наградија овој регион со статус на Биосферен резерват . Прекуграничен. И во него со добар менаџмент план може да се вивнеме и економски. Стручно ја добивме таа битка пред УНЕСКО , политички ќе видиме набрзо. Како и секогаш ќе се обидат да не урнат, и туѓите и своите. Но,ионака се е веќе навика животната средина да остане неразбрана во овој период на повисоки политички и економски агенди.
Но,тоа не значи да се предадеме.Па, битката за заштитена средина всушност не е ни почната т.е ова се само почетни епизоди. Ако ја сведеме на локално ниво ќе треба да почнеме од сите нас. За индивидуалниот однос и свест кој го имаме кон средината нема да зборувам затоа што е поразителен и демотивирачки. Но, тоа не е еколошки туку повеќе културолошки проблем. Вистинскиот еколошки проблем лежи под нас, под улициве кои секојдневно ги газиме и ги возиме. И тој проблем има име ,се вика канализација и колекторски систем. Го работиме проектот со помош на експерти од Јапонија кои по првата студиозна мисија заклучија дека „доколку колектоскиот систем е пациент , тој е е пред умирање“. Лежиме ли ние ,најубавите, најпрекрасните всушност врз темпирана бомба. Според се почестите изливи и инциденти , изгледа да. Ќе ја сработиме според планот до крај на годинава и физибилити студијата за рехабилитација и довршување на системот, но огромни ќе се цените на зафатите. Ќе успееме да стигнеме до некаде само ако сме обединети и на стручно и на локално и на државно и на меѓународно ниво. Ако гледаме само на тоа да наштетиме некому за да се истакне некој друг подобро да не почнуваме.
Ако и натаму ја држиме водата како наш локално регионален ресурс (езера,реки) тогаш од аспект на заштита на животна средина ние мора да се гледаме на ниво на цел басен,какви што се впрочем препораките од Рамковната директива за води на Европската Унија. Ние сме врзани во Дримскиот Басен и доколку не го изменаџираме успешно проблемите ќе се пресликаат и врз езерата и врз целиот регион, и еколошки и енергетски и економски. Повторно во таа битка и работа не признаа однадвор , ни одобрија голем мултилатерален проект кои треба да го спроведеме. Повторно ќе не кочат (менталитет), ќе не забавуваат ама назад нема (и тука менталитет). Мора да влеземе во менаџирање на главните проблеми во басенот. Загадувањето , енергетскиот потенцијал и секако управувањето со систем за предупредување од поплави. Тоа ќе биде наш најголем удел во битката за заштита на животната средина на глобално ниво.
Ги напоменав трите најголеми конкретни проекти во кои имам индивидуален ангажман. Дримскиот, Биосферен резерват Охрид/Преспа , студија за рехабилитација и довршување на колекторскиот систем . Има уште многу иницијативи и активности но целта е една. Да ја заштитиме животната средина околу нас . Сме успевале или промашивме , сме придонеле нешто или само сме се шетале, ќе остане нешто од сето ова или ќе се фрли во ионака многуте ѓубришта околу нас , ќе каже иднината. Но, секој со својот ентузијазам, секој со својот ангажман, кредибилитет требало и треба да придонесе . Почнувајќи од својот двор, својата улица, својата маала. И така малку по малку некако да се обидеме да стигнеме до глобалната слика, глобалната иницијатива која ја дава овој Ден. А за Денови барем сме успешни.Денот на Охридско Езеро кој го создадовме во 2000 година веќе е традиција (на 21.Јуни повеќе за тоа) . Создадовме нов Ден на Дрим. Веројатно набрзо ќе следи уште еден ден кој ќе се изучува во учебниците во иднина -Ден кога Унеско ги прогласува регионот Охрид/Преспа за Биосферен резерват. Па сето тоа поврзано со Ден на екологија,Ден на Биодиверзитет, Ден на дрвото, Ден на Планетата, Ден на животната средина да се обидеме да создадеме денови ,години , децении во кои ќе има надеж дека ова што го имаме нема да го уништиме засекогаш.Или никогаш. Ние (и јас во таа приказна) нешто се обидовме да направиме. Глобалните трендови да ги донесеме во Охрид. Да направиме нешто за својот град и држава во еко сферата . Да се оддолжиме и локално и глобално. Доволно или не , ќе видиме набрзо кога ќе дојдат наредните големи Денови. Впрочем ,денови ли се денови , еколошки маки големи .
Дејан Пановски
Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.