Обично се вели воспитно образовен процес, воспитно образовна институција и тн. кога ќе стане збор за било што од оваа бранша. Тоа би значло дека на воспитноста се дава поголема предност во однос на  образовноста. Но дали е тоа така? Сите ќе признаеме дека не. Ретко кој родител на родителска средба прашал како се однесува неговото дете во училиштето, дали неговото дете комуницира со другарите, дали е весело или повлечено,  дали неговиот однос кон професорите е коректен или девијантен и сл. На секоја родителска средба пред сеж  интересот на родителите се однесува на оценките.

И обично некоја оценка ќе шкрипи па почнуваат препукувања, казни и сл. со што едноставно родителот прави детето да се дистанцира од него. Другата крајност е кога вината се прфрлува на наставникот. Често незадоволни од оценката, а во некој случај родителот сакајќи пред детето да се престави како поголем авторитет од наставникот упатува недолични критики и омаловажувања до исмејувања на наставникот, што исто така е многу голема грешка, зошто тој наставник ја игра улогата и на воспитувач на неговото дете.

Кога сме кај носителите на воспитниот процес логично е да се каже дека покрај родителот, наставникот е тој кој најмногу може да влијае на овој многу важен процес како за  поединецот така и за општеството во целина.

А на општеството му се случува она што се случува  и сите се прашуваме каде е грешката? Зарем можеше вака да се испушти младината? Што прават наставниците?

Наставникот е само човек кој нема маѓично стапче со кое секогаш ќе го реши тоа што се бара од него. И при најголема желба успешно да ја реализира својата должност не може секогаш да успее и тоа од повеќе причини. Во ограничени минути на класен час и оптоварен со огромна администрација  класниот раководител често е во неможност временски да се посвети во својата должност како воспитувач.

Од друга страна општеството долго време ја маргинализира неговата улога. Ако на воспитноста како приоритетен процес и се дадеше поголемо значење немаше универзитетски професор (секоја чест за нивната стручност) да биде повеќекратно платен од наставник во основно и средно училиште  на кој и најмногу му паѓа товарот на воспитниот процес. Наставниците материјално се крајно дестимулирани.

И додека наставниците немаат можност да ги платат сметките на обичните телефони, учениците баратаат со најсовремени мобилни телефони на кој снимаат и  прикажуваат порнографски снимки. Се разбира, поголем број од наставниците за тоа разбраа од медиумите. И не е само тоа. Дрогата, проституцијата, сидата, и разни други девијантни однесувања на младите зборуваат за факти што преставуваат сериозна закана за општеството.

Крајно време е општеството да превземе правилни чекори.

    – Да се постават најстроги критериуми при упис на студенти за наставен профил и во нивната наставна програма  да се опфатат повеќе содржини од областа на воспитноста.
    –  Да се воведе етика во образованието како наставен предмет, а класниот раководител  посебно да биде стимулиран за вршење на воспитната дејност.
    – Да се организираат семинари за наставниците за вршење на воспитната дејност.
    – Одделенскиот или класниот раководител да се поставува за сите четири години, а ако се менува само од крајно оправдани причини. (За да биде класен раководител не мора да е и предметен наставник).
    – Во средното образование да се применат механизми за објективно  (екстерно) вреднување на резултатите од успехот на учениците.
    –  Учениците односно родителите да имаат право и можност да менуваат професор до колку не се задоволни од стручноста и односот на наставникот.  
    – Родителите да не бидат опседнати само со своите емоции и брачните советувалишта да не се посетуваат само во случај на криза во бракот туку и за правилно воспитување на своите деца.  
    – Родителите ако не се задоволни од односот на наставникот тоа нека го решат на друг начин  со повисоките институции, а не пред детето да го омаловажува и исмејува. Тоа како и маргинализирањето на наставникот од страна на општеството може да се врати како бумеранг. Наставникот да може да ја обавува оваа света должност треба да биде мотивиран, да биде сакан од своите воспитаници, да им биде другар, но и авторитетна личност.


 Вера Главинчева
Професор во пензија