(По повод поднесувањето на новата резолуција пред американскиот Претставнички дом)

Такви какви што сме, и криви и должни, осудени сме на ова што ни се случува. И сега, кога одеднаш не разбудија, иаку фројдовски најцелисходно би било да се соочиме со сета наша напластена колективна болка, стара и тешка колку и сеќавањето Македонско, некако како да посакуваме воопшто да не нė будеа. „…има да не нема бе, со резолуции не сотреа, ФИРОМ-ци не направија, историјата ни ја истребија…нė сотреа.” – коментар на еден мој  разбуден познаник во врска со она што ни се случува.

Не е ни чудо што нам после сė, ништо не ни остана, кога наспроти јавето, сеуште сонот за братство-единството го сонуваме. Мултикултурно, шеснаесет години наназад секоја наша спремност за компромис беше разбрана како наша слабост. Простодушно и злокобно се гордеевме што целиот свет разбра за нашата моќ да угостиме 300 000 “гости” во 1999, не разбирајки  дека тоа е само дел од изборната кампања на една- сега американска сенаторка и можен претседателски кандидат, тогаш најмоќната дама на планетата земја, дека светот знае за соживотот во ФИРОМ ама не знае за Македонија, не знае за Македонците, за нивната болка и тага разлеана по ридиштата. Затоа е и разбирливо што тие кои од илјадници метри висина ги одземаа животите по Балканот, со себе во своето незнаење ќе ја однесат и Македонија и Македонците и Шиптарите и Србите и …

И предлагачот на сегашната резолуција за бришење на Македонската историја од учебниците пред Американскиот Конгрес, е Конгресменката од  Демократската партија – Каролин Малони.
Владата – види богати како генијално, не ги коментирала ваквите иницијативи во демократски држави, македонските експерти полусвесно повторуваат “заговор на грчкото лоби и други бла-бла глупости…”
 
Повеќе не можеме ни да се составиме, бидејки невнимателно дозволивме некој  да се игра со нас како со Рубикова коцка, чии што бои само тој умее да ги сложи.

Десет години бевме како маѓепсани од одушевување што нетрпеливоста, екстремноста, криминалот, паравојските и што уште не, успеавме да ги претвориме во еден раскошен дворски церемонијал во кој што се беше политика и легитимно политичко организирање. Не сакавме ниту да замислиме дека сето тоа е премногу за една мала Македонија. Се до 2001 во согласност со нашата неизмерна наивност, не сакавме да знаеме дека постојат луѓе кои што оваа земја, од Европа ќе ја пренесат на Блискиот исток, во Африка или Авганистан.
 
Оваа нагла промена од лицемерна политичка доктрина на Албанскиот фактор во Македонија во фаза на остварување на целите со други средства, како начисто  да не онесвести. Барем за кратко. Освестувањето не оди лесно и брзо. Амнезијата е општа. Никој  не сака веќе да знае што бил и што правел до вчера. Интелектуалците и Академиците упорно ќутат. Универзитетските професори крварат во борбата за своето право на мито и корупција. Политичките елити такви кави што ги заслужуваме, се апсолутно комирани.
Поданиците и сиромасите дискретно гинат – физички, економски, духовно.

Сите се чувствуваме  некако растеретени и истовремено спобудалени, како штотуку на сите нас да ни е изваден тумор од мозокот. Убиците и терористите стануваа борци за слобода, бомбите мобилни телефони, пратениците воени команданти, најгласните борци за националната кауза стануваат директори, пратеници, интелектуалци… „Неутралните“ сценаристи на овој Балкански филм, катадневно не посетуваат и гледајки го овој крш и лом што на Балканот настана во голема мерка и со нивна заслуга, цинично  се прашуваат дали овие народи кои никако да се тргнат од улиците, плоштадите, шумите и планините, конечно ќе се свртат кон сериозна работа и ред и дали се воопшто нормални и способни за мирен живот?
Нивното малограѓанско светско-хохштаплерско искуство им кажува дека добриот и удобен живот на поданикот го чинат ситници и мали работи, а само просветлените чиновници на планетарната бирократија треба да се занимаваат со крупните работи. А Македонија и Македонското прашање не е мала работа на Балканот. Нивната „мисија невозможна” не може да заврши со „мали“работи на Балканот. Требаше да знаат дека на овие простори, никогаш не се доволно револуции, победи, жртви, херојства и глупости. Нė има нас премногу овде кои што во секој миг сме спремни со непромислени одлуки  да ги исполнуваме своите непрактични соништа, а се покажува дека власта е најпрактичен начин да се направи нешто неразборито. Политиката на Балканот дефинитивно не е уметност на можното туку насилно менување на судбината а тазе интригите се само неопходен материјал за напредување во кариерата на балканскиот а богами сė повеќе и на европските политичари делегирани на овие простори.

Затоа како Македонци не треба да не чуди што како и во минатото, ниту сега може некој да ни помогне. Затоа што сме такви какви што сме. Дури и кога ќе ни успее себеси да се маскираме со европски костуми, италијански кравати, идеолошки гласно да се пресоблекуваме секои четири години, нашите политичари и ние сите сепак ништо не сме разбрале, затоа што мислиме дека подобро ќе пројдеме однесувајки се онака како што сме навикнале, дури и во овие “еврокандидатски” времиња: како ситни политички измамници кои се спремни да закинат на кантарот или кусурот, сметајки го за свој најголем успех тоа што на некого успеале да му го подметнат трулото овошје како да се наоѓаат позади пилјарска тезга на Бит-пазар а не пред вратата на најмоќната светска економска асоцијација, Европската унија, каде што секако дека не е се фер и поштено ама е барем „цакум-пакум сортирано“.
 

Г. Мицкоски
(авторот е новинар и публицист)