Примерот со најновите случувања, блокадата и неизвесноста над А1 , не го доживувам само како лична тегоба, како само мој проблем и само моја вознемиреност. Нека сме и 500, помалку или повеќе што работиме и живееме од А1, но нашата горчина ја чувствуваат како своја и многумина други граѓани. Одамна кај нас важи синтагмата, кога може ним, утре ќе може и нам. И не само поради тоа. Јас како новинар со 20-годишно искуство, што буквално целиот работен век го минала во медиумите, од што половината во А1 телевизија, со право пак се враќам на почетоците и се прашувам “Дали правилно избрав” животот да го посветам на една општествено корисна работа, исклучиво од јавен интерес, за доброто на татковината, нејзината перспектива и подобра иднина, за доброто на луѓето, за кои спас безброј пати, било тропањето на вратата од мојот дом и јавувањето на мојот телефон ? И се отварале вратите за решавање на човековите маки, кои немаат крај. Сум мислела и мислам дека не мора секој да има афинитет за политика, дека јадрото за напредок на системот и општеството се вистинските професионалци, кои во сите влади и режими, се стожер на функционирањето и развојот на државата. Ако јас како професионалец, кој живее за и од новинарската работа, не штедејќи се себеси, семејството, своето време, енергија и пред се знаење, во што постојано вложувам, сум дошла до ситуација да се прашувам за смислата на моето битисување, што останува за другите?
Време е сите да се преиспитаме дали Македонија е добро место за опстанок на своите граѓани, професионалци, кои сакаат од својата работа да имаат пристоен живот. Време ли е конечно за одбрана на достоинството, за манифестирање граѓански отпор кон она што сите не засега и со што не се согласуваме или ќе избереме молк и наметнат начин на живот, кој не не прави среќни. Или е време, и ние кои до сега ни на сон не помислувале да си заминеме од татковината, како многумина кои сега имаат многу поквалитетен и побезгрижен живот, да ја кренеме гордо спуштената котва од коренот и далеку од него да си ја бараме среќата и новиот дом ?
Јас сум човек борец, кој верува во подобра иднина, професионалец кој нема да потклекне на туѓите слабости, со позитивна мисла и верба во себеси. Но за жал, се помалку и во татковината. Не треба веќе да се препуштаме на стихијата, која не дави во матните води, а времето неповратно тече. За нас и идните генерации, во овие немирни времиња треба да бидеме херои, а не слабичи и предавници. За себеси, за нашите поколенија. Со целосна одговорност за моите зборови и дела, нема да дозволам во 21 век да се плашиме да говориме, да мислиме и сами да одлучуваме за нас и нашата иднина, кога пред многу векови за тоа се избориле нашите претци.
Во името на одбраната на слободата во НАС.
Нина Кепеска-новинарка на А1 ТВ