Не пропуштив да ја проследам манифестацијата. Ме воодушеви што оваа значајна манифестација за Охрид се одвива на ова место. Како за почеток манифестацијата беше добро организирана. Со приказните за Билјана само се начна мистиката и значењето на овој локалитет. Но не слушнав ништо за реалните збиднувања во минатото кои му даваат белег на свето место. Иако во поранешните колумни “БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ и “ГИ НЕГУВАМЕ ЛИ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ“ имам пишувано за тоа, сепак нешто ќе повторам.
Содржината на песната зборува за времето кога браковите на младите им ги договарале родителите. „Билјана го посакала момчето што го тера карванот, а и тој неа ја гледал под око, ама него веќе го имале свршено.“ Девојката овде доаѓала и белејќи го платното се молела родителот да ја сврши за тој што таа го сака. Младите брачни двојки тука доаѓале и оставајќи паричка пиеле од студената вода и се молеле за среќа во бракот. Доаѓале дури и од соседните земји. Првата прошетка свршениците ја правеле до Билјанините извори. Тука се случувале првите срамежливи погледи, првите прегратки, тука се изговарале првите изјави на љубов, или се голтала горчилата од тагата за неостварената љубов доколку родителите го договориле бракот со некој што не е во нивното срце. Да бидеме реални. За генерациите зад нас, Градиште и другите атрактивни места (денес) немале некое значење, на езерото се гледало поинаку, на Самоиловите тврдини гледале само како остатоци од камења, а додека Билјанините извори им значеле многу.
Манифестацијата се одвиваше во малку поуреден амбиент благодарение на новиот сопственик на угостителскиот објект кој навистина заслужува пофалби. Но ова место заслужува многу повеќе и бара поголеми зафати од градот и државата со што ќе се реставрира автентичноста на изворите и култот кон Билјана. Да се долови ликот на светилиште што некогаш било, со што ние сега би добиле уште еден вреден музеј. Целта на манифестацијата беше промоција на туристичката понуда и симболично отпочнување на туристичката сезона. Но туристичката сезона да биде поуспешна на Охрид му е и тоа како неопходен уште овој бренд познат надалеку и отсекогаш како БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ. Под Билјанини извори се подразбира и поширокиот локалитет вклучувајќи го и каналот Студенчишта кој сега е во уште похаотична состојба. Се слуша дека биле направени некои проекти за реставрација на самите извори. Би било добро тој проект да се даде на јавен увид, а уште подобро за тоа, да се објави конкурс за најдобро идејно решение и тоа на пошироко па и на меѓународно ниво и тоа не само за изворите туку за целиот локалитет. Има предлог за дислокација на милитаристичките објекти што секако е за подршка, а пловните објекти кои се повеќе го загрозуваат екосистемот да се дислоцираат од каналот. Каналот да биде уреден и достапен од двете страни за рибарење и шетачите, а низ него да пловат само неколку стари дрвени чунови кои ќе ги превезуваат гостите од пристаништето до музејот ( изворите). Овој предлог (за дрвените чунови) неодамна го прочитав и навистина ме воодушеви.
Според ДУП на поголем простор од овој локалитет предвидени се високи градби: хотели и стамбени објекти. Тоа би било вистинска катастрофа за градот. Овој простор треба да биде исполнет со фонтани, базени, водни канали, егзотични и декоративни дрвца, уредени тревни и цветни површини, мини зоолошка градина, игралишта и слични содржини.