Чувствувам огромно задоволство од сознанието дека текстот на двете колумни што ги објавив во Ohridnews, БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ и ГИ НЕГУВАМЕ ЛИ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ, предизвикале големи полемики. Тоа ме наведе да не бидам рамнодушна на тоа што ќе се случи со овој локалитет. Во потрага по подршка за мојот став во врска со случувањата околу локалитетот Билјанини извори, наидов на (за мене) чудна дискусија: Билјанините извори не биле на она место каде што се сега туку јужно од зградата на Хлидробиолошки завод. Наоколу било само блато и местото дури било и непристапно и дека изворите на Бејбунар секогаш биле попознати од Билјанините извори. Песната БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ не била изворно- народна туку новокомпонирана. За да се ублажи сето тоа се додаде: не новокомпонирана туку компонирана ама од еден автор. Авторот не е познат и затоа народот ја прифати песната како народна“…
Не се впуштив во дискусијата затоа што тоа беа авторитетни личности, а не се ни бараше мое мислење. Се повлеков со своите мисли. Ако песната не е народна затоа што била компонирана од еден автор, тоа би значело дека за секоја изворна народна песна народот се собирал и групно ги „компонирал“ народните песни. Ќе може ли некој да поверува на таква глупост?
Дека песната БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ не е народна песна, тврдел некој научник на основа тоа што оваа песна се разликувала од сите други народни македонски песни. Јас не сум познавач на музиката но секој лаик знае дека македонскиот мелос е ценет и познат во светот точно по тоа што ни една песна не сличи на друга. Не сум против негирањето на моите сознанија и ставови, дури го сметам и како демократски чин во интерес на вистината. Ме лути само помислата што дискусијата повеќе наликуваше на чин на манифестација за нас познатиот синдром на самоуништување како нација и чин на негирање и омаловажување на мисла или став од обичен граѓанин од страна на големите умови. А често општествените зла доаѓаат точно од „големите умови.“ Како за пример ќе го наведам следното. Некогаш се појавил предлог за урбанизирање на локалитетот „Рача“ а со тоа да се создадат и услови за модерна населба. Но некоја поголема авторитетна личност тој предлог го квалификувал како неумесен и затоа сега наместо монденска населба што ќе го красеше и градот и езерото, имаме населба со дивоградби без елементарна инфраструктура. Сигурно нашите претставници на локалните власти на патот кон атрактивниот хотелски комплекс се чудат како да им го одвратат погледот на високите државници од оваа грда слика.
Сите знаеме дека вакви примери има многу. Но, да се вратам на темата. Голем број туристи кои за прв пат доаѓаат во Охрид претходно ја слушнале песната БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ и за цел си поставиле да ги посетат Билјанини извори. Не знам како би им објаснувале на гостите дека БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ не постоеле. Не знам дали некој може да поверува дека песната БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ е новокомпонирана песна. Знам сигурно само едно, дека никогаш немаше да си простам ако премолчев за мојата претпоставка дека наведената дискусија за песната и локалитетот Билјанини извори е резултат на продолжените прсти на урбаната мафија, која фрли око на овој атрактивен локалитет и локалните власти кои носат одлуки за градење на хотели и стамбени објекти.
Вера Главинчева