Жешко лето, уредени плажи преполни со домашни и странски туристи. Охрид, блеска со целиот свој сјај.
Плажите земени под концесија се прекрасно уредени. На секоја плажа шанкови каде гостите стоечки се освежуваат со ладни пијалоци, тераси со маси и удобни фотељи, платформи во вода. Чист песок, со лежалки и сонцебрани. Убавина. Зарем требаше толку мозок ова да се направи вака? Зарем требаше да поминат 15години (да не ги сметаме 55 -те години на едноумието)? Но тоа сме ние. Каков народ таква власт. Но тоа е друга тема.
Како народ знаеме да направиме многу и тоа за кратко време ако тоа е во наш интерес. Стандардите за плажите што се поставени од министерството се застапени. На секоја плажа набљудувачница за капачите, а водата е оградена и одбележува до каде капачите се безбедни. Но, не ќе сме НИЕ ако нешто не изиграме и нештото го направиме РАДИРЕДА. Обично на набљудувачниците нема никој или повремено ќе се искачи некое мало палаво дете да ја задоволи својата љубопитност.
А оградите во водата најчесто се поставени ради реда. Како прво поставени се на 15 метри од обалата и повеќе означува до каде е плитко т.е до каде смеат да одат возрасните непливачи. Ако за тоа се поставени тогаш е во ред. Но ако се работи за безбедноста на пливачите подобро и да не се поставени. Ако пливач се задржи на оградениот простор има чувство како да се капи во када затоа што ако квадратурата на оградениот простор се подели со бројот на капачите му доаѓа приближно исто. Додека посетителите на плажите уживаат под жешкото сонце или под ладовина, пиејќи го својот пијалок на терасите, на лежалките или на своите пешкири не е важно, во езерото меѓу пливачите беснеат скутери, глисери и моторни кајчиња Тие би биле вистински декор во целиот амбиент доколку своето движење го ограничат според со закон утврдената оддалеченост од обалата. Но нивното задоволство не се задржува само во совладување на езерската шир, т.е нивното задоволство не е комплетно ако не бидат видени меѓу пливачите. А што е нормално, ќе сакаат и да видат некого па мало невнимание и несреќата е тука. Како може да се чувствуа пливач оддалечен и само десетина метри од оградата?
Често скутерите и моторните кајчиња ќе се видат и во оградениот простор. Тука се нарушува целата убавина. Задоволството во пливањето се заменува со ужасен страв дека во секој миг може да ти биде смачкана главата. На улица знаеш како пешак каде да се движиш и како да се заштитиш. Како пливач не знаеш како да се движиш па ќе мораш да си го ограничиш задоволството само во заградениот простор. Но за пливач тоа не е задоволство и рескирајќи го животот или надевајќи се дека нему тоа нема да му се случи го напуштаат оградениот простор за да уживаат во пливањето во бистрите води на езерото. Немоќни се спрема оние кои беснеат со своите скутери и глисери и минуваат само на некоклку метри од нивните глави, кои често и не гледаат каде возат.
Оние кои се надвор по терасите и песокот не им се на дофат па се нервираат и ги пцујат, а езерската полиција како да е на одмор или има премногу работа па не можат да стигнат да стават ред. Најверојатно она второто зошто тие што дивеат со глисери се синови на некои функционери и никој не им може ништо. Несреќи се веќе случени но за среќа без човечки жртви. Треба ли да се случи катастрофа за да се превземат ригорозни мерки.
Вера Главинчева