Ајкулата која може да биде виновник за катастрофалната состојба со рибниот фонд на Охридско Езеро, уловена е и на годинашниов интернационален саем во Охрид во гастро-  натпреварите освои златен медал под името Ајкула на Охридски начин. Јадењето е изработено од ресторан „Острово БДБ Св.Наум“. Од устата на Ајкулата се гледаат неколку плашици и веројатно таа е виновна што ја нема плашицата во Трпејца, Радожда, Пештани, или во пристаништето, а од годинава ја нема и во каналот Студенчишта.


Спортските риболовци повеќе веруваат во оваа полуприказна отколку во изјавата на експертите за риби дека плашицата е плашлива и затоа ја нема во крајбрежието. Според нив плашицата по илјадници години се исплаши и избега од своите вечни зимовалишта. Втората изјава на експертите за краповидните риби  е дека времето е топло и затоа ја нема плашицата во зимувалиштава. Тие тврдат дека место за паника нема затоа што  деновиве плашицата  почнала да  се враќа од длабочините каде е избегана од релативно топлата зима и почнала да  влегува во каналот и во другите зимовалишта. Со илјадници години каналот Студенчишта од крајот на септември до средина на април е преполн со риба имало и многу повисоки температури  и потопли зими но рибата ја имаше во изобилие. Ако годината е потопла плашицата може само да излезе некој ден порано во месецот април, спортските риболовци со години се сведоци како реагира рибата на  високи температури во каналот. Топлото време според експертите е исто така причина и за тоа што охридската пастрмка ја нема и уловот за вештачки мрест од 5 до 10 тони падна на само двеста килограми во првиот риболовен  ден.


СРК Св.Апостол Петар долго време алармира кај сите институции кои директно се вклучени во рибарство дека над целокупниот рибниот фонд се вршеше и се врши  невиден масакр.

Уште од 1934 година пастрмката се лови за вештачки мрест. Со децении до пред неколку години сите уловени матици и плодни мажјаци се убивани. Имало денови кога на првиот риболовен ден  после „Татиљот“ да се уловени и над десет тона пастрмка и целата  да се  убие и заврши на пазари низ Македонија и пошироко. Секогаш ни се пласираат некои статистики со колку личинки од пастрмка е порибено езерото од 1934 до сега, а никаде нема податок колку риба е убиено и продадено во тони и парчиња.


Од личинките со кои се порибува езерото  не се кажува колку проценти преживуваат, колку се однесени во акумулацијата Шпиље за да се плати електрична енергија, или колку за научно испитување на акумулација Стрежево, а ако се знаат приближно овие податоци може да се пресмета дисбалансот.

На концесионерите на Охридско Езеро им беше  дозволено да ловат над 300 тони риба годишно во која количина пастрмката  и белвицата учествува со околу 40 проценти од вкупниот улов.

Во тој период многу професионални рибари се избркани за кражба, ако на тоа ги додадеме и рибокрадците се добива голема бројка на уловена риба која не е регистрирана никаде. Оваа бројка е приближна со уловената и  пријавена риба од страна на тогашниот концесионер.

Концесионерот фрлаше мрежи со помали окца за други видови риби како за белвица  и нема  податок колку малумерни пастрмки  се фатени во тие мрежи.


Со стручно мислење  и став на научна установа дека охридскиот  блинкер е штетен, а високите мрежи се поселективни од блинкерот, тогашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе одлука за забрана на блинкерот како риболовно средство. Со оваа одлука некој успеа да  ги отстрани спортските риболовци блинкераши од езерото, а  и струшките професионални рибари кои ловеа пастрмка претежно со блинкер, односно целокупната можна  конкуренција се отстрани за да може еден концесионер слободно да лови.

Несовесните спортски риболовци кои ловеа пастрмка повеќе од дозволената количина исто така имаат  удел  за нејзино истребување. Дел од спортските риболовци ловеа со повеќе блинкери од дозволените и не се водеше евиденција за уловот. Од таа причина не може ни приближно да се утврди колкава количина на пастрмка е уловена на  спортски начин.
На албанската страна криволововот секоја година е во подем и скоро да нема никакви податоци за уловената риба , само се знае дека се лови и за време на  мрест а и примероци на пастрмки се под дозволена големина.

Ако сите овие бројки ги имаме и направиме анализа ќе добиеме фрапатни податоци за состојбата со рибниот фонд  од кои би се замислиле и океанските рибари. Не можеме колку и да сакаме да одржуваме вештачка рамнотежа ако не ги имаме сите податоци и ако не ја контролираме ситуацијата. Само можеме да нанесеме штета на целокупниот систем на езрото што и успеавме да направиме.

Езерото си има природна рамнотежа затоа и  опстојувало со илјадници години па така и нашата грешка може само да ја исправи, ако го оставиме намира. Ако сега се дозволи селективен риболов на плашицата затоа што таа ја има премногу како што тврдат експертите, а спортските риболовци тврдат дека  ја нема никаде каде што со векови била присутна, ќе се доуништи рибниот фонд. Како причина да се дозволи излов на 150 тона плашица  според експертите е дека  таа и смета на пастрмката како „јарето на волкот“. Да се прави вештачка рамнотежа  во услови кога не е снимен теренот односно езерото и не знаеме ни приближно колку и каква риби имаме во езерото, ќе се нанесе уште поголема штета врз целиот екосистем на езерото. Ако вака поставиме  вештачка рамнотежа ќе се направи таков хаос во рибната популација што ни Св Апостол Петар, а ниту  Господ потоа не може да ни помогне.

Изловено е риба за наредните педесетина години односно  количина на  риба која би се добила ако таа би  се измрестила  по природен пат. Од сите овие причини  во езерото сега на експертите им недостасуваат многу генерации на риби. Ни кампањата на новинарите да се избрише пастрмката од менијата на рестораните и хотелите  не помогна многу да се заштити  рибниот фонд. Во некои ресторани уште се продава пастрмката, а тоа пак придонесе да  се зголеми само шверцот со риба.


Во риболовните основи изработени од научни институции  предвидено е пастрмка да почне да  се лови со мрежи по три години од добивањето концесија. Ако сакаме да ја имаме барем во базените во Хидробиолошки Завод не треба воопшто да ја чепкаме наредните 15 години. За ваквата состојба со рибниот фонд не е причина само негрижата на човекот туку и незнаење. Физичката заштита на рибниот фонд не е доволна. Не може за две години да се фатат повеќе од двеста километри мрежи, а да има само неколку кривични пријави.

Атакот врз рибниот фонд продолжува  од сите страни. На концесионерите на плажите им се наложува да го чистат езерото од големи камења до длабочина од метро и половина, а тука се мрести и пастрмката и други видови риби. Еднаш неделно да се надополнуваат плажите со нов песок кој концесинерите го носат кој од каде ќе се снајде и во него има секакви неавтохтони микроорганизми. Потоа поставување бетонски огради до или во водата. Сите тие активности носат штетни  последици кои подоцна ќе се рефлектират врз целокупната флора и фауна за сето ова ги информиравме институциите на време, но за жал со такви активности ќе продолжат  и на десетте нови плажи кои ќе се доделат  под концесија. На албанскиот дел се изградени цели ресторани на платоа во водата.


Немање на марина со бензиска пумпа, каде големиот број на пловни објекти ќе бидат сместени и ќе точат гориво се рефлектира со загадување на езерото, особено на каналот Студенчишта  каде  последиците веќе се гледаат. Немање на работилница за поправка и сервис на бродови,  глисери и чамци придонесе  бродовите да се  пескарат и бојадисуваат  директно на водата  со што се испушти големи количина боја и други хемикалии директно во езерото.

Ако сакаме да ја спасиме пастрмката  и другите видови риби од уништување  спортските риболовци барааат од надлежните институции под итно да донесат посебен закон за Охридско Езеро. Да се усогласат македонските и албанските закони за рибарство. Да се формира билатерално тело кое конечно треба и  да  профункционира. Потпишаните билатерални договори да почнат да се реализираат. Да се формира рибарска полиција како што има шумска полиција, да се воведе видео надзор над езерото за подобра физичка заштита  како што предлага Хидробиолошки Завод. Да се отвори расправа за нацрт риболовна  основа  за да се усогласат различните ставови на сите директни учесници во рибарството. Спортските риболовци можеби не се стручњаци но секој ден се на езерото и први  ја забележуваат секоја промена кај рибниот фонд или на водата .

Радован Димитриевски
Преседател на управен одбор
СРД Св. Апостол Петар-Охрид

.