Секоја година сум ја завршувал со колумна. За годината мината и за годината наредна. Тоа е традиција , традициите ги почитувам па така да и оваа година нема да остане без колумната. Затоа што не смее да има нарушување на традициите без разлика дали сте биле опозиција или сега на страната на позицијата како нејзин член во Советот. Гледиштето,вербата,иднината мора да се континуирани. Ионака одењето напред го гледам остварливо само тогаш кога ќе успеете да стигнете до ниво на самокритика, ниво на конструктивна критика и сугестии кон директните практикувачи на власта и сето тоа ослободено од некакви суети и од еуфории. И токму заради компарација кон континуитетот на ставовите ќе направам прво еден репринт на дел од последната колумна токму од минатата година за да видам дали и колку сум погрешил во надежите, во желбите, дали сум бил во право низ борбата или не, дали Охрид е подобар после настанатите промените и дали ,што е најважно, има надеж за целосен позитивен пресврт. И токму некаде во ова време минатата година читам дека сум го напишал следното:

„Доброто да ги замени другите недобра. Добриот и примерен збор да го замени речникот на омраза и навреди непотребно инсталиран во Охрид како единствена одбрана. Респектот кон Охрид од секаде да го замени исмевањето кое му се приреди на еден град како Охрид. Одговорноста на чинителите да ја замени самобендисаноста без никаква основа.Борбата за Охрид да го замени политичкиот инает кој се користеше како единствено оружје. Вистината да ја замени манипулацијата и лагата која за жал стана основа на функционирањето.Идеите и новите визии да ја заменат безидејноста и пропаѓањето на градот. Знаењето на јазици, информатика да го замени незнаењето. Чесниот пристап да ја замени коруптивноста како најлажна “вредност“. Транспарентноста да го замени криењето на фактите. Јавниот интерес за Охрид да го замени личниот интерес. Почитта на дадениот збор да ги замени подлажувањата. Субвенции од буџетот во туризмот и угостителство да го заменат игнорантскиот однос кон оваа сфера. Беспрекорната организација да ја замени дезорганизираноста“.

Да, претпоставувам повеќето од нас ова го сакавме ! И токму заради силната посветеност кон тоа некаде пролетта настапи долгоочекуваната промена за која се боревме. Но, промената никако не значи да не се погледне во јавно напишаните реченици кои еве сега една по една веќе ми отвораат некои одговори, а некаде во некои од нив паралено се отвораат и плус нови прашања.

Генерално гледајќи, барем според мене забележлив е напредок во секоја од „речениците“. Но,сепак сеуште во секоја од сферите се чувствува огромниот притисок од тешкиот товар кој е надвиснат над Градот од Галичица до Орман, сеуште како да сме заглавени во предизвикот од порадикално исчекорување нанапред ,како да сме ранети од сенките но и од јавето на оставените долгови од минатите луѓе кои како тешки сидра го влечат Охрид назад. Како да сме раскинати во првичното неснаоѓање во тимската, кадровската и идејната политика, како да сме сеуште исплашени да земеме иницијативност што веднаш ни се враќа со сеуште недоволната организираност на Градот, барем онака како што би личела за Охрид. За волја на вистината за неполни 9 месеци неможе да излезе плодот и да земе здив посебно не ако го имате сиот товар на финансиска пропаднатост и товарот на таканаучената лежерна администрација (најголем дел) која наместо да влече нанапред , таа со неентузијазмот сопира. Можеби и вистина е дека со сиот товар врз вратот толку и се може но некако сметам дека сепак имаше сфери во кои мораше да се одиграа поенергично,похрабро и поодважно. И тоа баш во првите 9 месеци на носење на бремето.

Но,во таков развој на носење на бремето, природно би било, и секако многу веројатно, токму годината 2014та, да биде година која ќе ги донесе тие похрабри и поинтензивни пресврти. Затоа што ќе биде година на првиот чекинг внатре во самите промени. Градот финансиски ,морам да се повторам,е исцрпен не до крај туку веројатно до бескрај. Изедена е храната на градот одамна но, тоа нема да биде повеќе оправдание да не се произведе нова. Пресликана за прво време токму во Буџетот за 2014 година (кој секако дека во својата конструкција требаше да биде побогат и по развоен ако воопшто било тоа можно). Евидентна е буџетската волја за развивање на крвотокот на градот преку инвестициите во секторот за реконструкција на улици и патишта. Охрид пати по дела од јавното добро.Гледано на прв поглед огромен дел од капиталната концентрација на средствата во наредната година е насочена во тој домен и сектор што јасно и недвосмислено кажува што ќе биде основната цела на Општината во нареднава година. И нека биде,нека се реализира целосно затоа што секако дека инфраструктурата е најважна за еден град, а овде кај нас има уште многу многу работа на тоа поле. Од друга страна основниот буџет јасно е дека нема да биде посебно голем и нема да има средства за сите барања и предизвици , што значи дека и нема да отвори многу врати. Затоа излезот се веројатно инвестиции надвор од општинскиот буџет и тука ќе биде и шансата и моќтта. Во спротивно очигледно е дека сеуште ќе се движиме со оние мали чекори, можеби речиси ползење, кои секако следат после изминувањето на 9те месеци. Но, тоа воопшто не значи дека напредок не треба да има во оние „полесни“ финансиски сфери,сфери за развивање идеи, иницијативи,развивање професионализам, организација на градот(некои social events се добар показател), промоција на меѓународни односи. Тоа се нешта што многу недостасувале и сеуште недостасуваат. Ни фалат исто така и првите букви во некои важни сегменти како што се првите чекори за жестока приватна иницијатива, агресивно претприемништво,промоција на зелена економија,привлекување зелени инвестиции, координирано туристичко прилагодување. Тоа е она што мора да се гради и надоградува. Треба после 9те месеци да се почне да се расте.Граѓаните еднаш пресекоа и многу брзо повторно ќе засечат.

Влогот е еден. Или ќе успее Охрид или ќе успее Охрид. Второ нема. Со вакво поставување на границата јасно е дека веќе нема место за деструктивни процеси, ниту има место за деструктивни луѓе. Напред се оди со став и анализа,па ете нека се намали малку со полтронизам,превртизам, цинизам и малициозност. Пресвртот бара позитивни ,вредни луѓе и идеи. Бара да дискутираме за тоа кој што придонел за Охрид а не кој само земал од Охрид, затоа што лесно е да се критикува,претешко е барем еден денар да се донесе за Охрид. И тука мора да направиме јасна разлика кој е кој и да дојдеме до пресврт. А таквиот пресврт мора да почне од чекингот на функционирањето на охридските институции но, да биде следен и надвор од неа. Нема место за еуфории ниту за фрустрации, има место само за ентузијазам и работа. За да не останеме во градот само неколку илјади сами како духови опкружени со празните згради и пусти улици, откако ќе ни си одат младите. Охрид е сеуште пред тешките порти на пресвртницата и реформата во која не е веќе важно ничие име, ничиј интерес, ничија позиција. Секој мора да почне од себе,од својот мандат. Еве јас добив уште еден мандат од граѓаните (и благодарен сум), па не добив потоа од сопартијците мандат за делување,но тоа не значи да се запре и затоа својот долг кон Охрид го исполнувам преку екологијата, дипломатијата, носењето на проекти и процеси во интерес на Езерото и регионот. Значи секој мора во своето поле, за да не останат најгласни оние кои немаат поле, кои никогаш ништо не придонеле за градот и кои само влечат надолу. Затоа што Охрид мора буквално да се породи после 9-те тешки месеци и да почне да дише, да проциркулира, да прогледа, да чуе, да проооди. За да победи и да исплива. Ќе треба многу пот и многу среќа па во тоа име НЕКА Е СРЕЌНО ЛЕТОТО ГОСПОДОВО 2014-то, ОХРИДСКО!

Дејан Пановски – член на Советот на Општина Охрид

Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.