Колумбискиот министер за надворешни работи Фернандо Араујо во четвртокот во Богота протестирал поради текстот во една од песните од последниот албум на Карла Бруни, сопруга на францускиот претседател Николас Саркози, во која се споменува колумбискиот кокаин.
„Ти си моја дрога, посмртоносна од авганистански хероин и колумбиски кокаин“, се стихови во една песна во најновиот албум на Карла Бруни, кој ќе ислезе во текот на јули.
„Кога такво нешто ќе каже или испее сопругата на францускиот претседател, тоа е многу болно за Колумбија“, оценил колумбискиот министер.
„Жалиме за консумирањето на колумбиската дрога без оглед во кој контекст и во која количина се консумира. Последици се бројните жртви и насилството на улиците во Колумбија. Би требало да слушаме стихови кои забрануваат консумирање на дрога, а од целиот свет очекуваме да ни помогнат во борбата против неа. Ова се случува кога ќе се измешаат политиката и медискиот спектакл“, оценил Араујо.
Колумбија е прв производител на кокаин во светот. Според податоците од меѓународните организации таму годишно се произведуваат околу 700 тони од белиот прав.