За 30 милилитри од парфемот „Шанел 5“ потребни се дури 1000 цветови од јасмин. Како што пишуваат медиумите, јасминот за „Шанел 5“ се бере исклучиво во гратчето Грас на Азурниот брег, а веќе пет децении го одгледува семејството Мил. Своевремено за весникот “Indipendent”, Жосеф Мил раскажал дека тоа е најскапиот јасмин на светот. Имал посебен мирис и бил помалку агресивен и помек од егзотичниот јасмин. Парфемот би бил потполно различен доколку цвеќето се одгледувало на која било друга локација. „Шанел 5“ се појавил во продажба во 1921 година, а статистиката вели дека шишенце од овој парфем се продава на секои 55 секунди. Најдобра промотерка на парфемот била Мерлин Монро, која тврдела дека го користи и пред спиење.
Јасминот за „Шанел 5“ се бере рачно, а семејството Мил секоја година во време на бербата, која трае три месеци, а започнува во август, вработува најмалку 70 лица само за таа работа. Се берат пет хектари цвеќе, а Жозеф Мил вели дека едно лице приближно собира половина килограм за еден час. Овој специфичен јасмин е за 20 до 30 пати поскап од јасминот од Египет или Индија. Легендарната креаторка Коко Шанел во далечната 1921 година го ангажирала Ернест Бо да направи шест мириси за неа, од кои ќе избере еден. Легендата вели дека Коко го избрала бројот пет, кој бил нејзин среќен број, и така настанал „Шанел 5“.