Колин Фарел, еден од најпопуларните филмски актери во светот, допатува во Сараево каде ќе се спрема за улогата во новиот филм кој го режира оскаровецот Денис Танович.
Фарел ненајавено пристигна во петокот навечер, а за неговото доаѓање од медиумите единствено знаеше весникот Ослободување, за кој славниот ирски актер изјави дека не можел да одбие соработка во филмски проект со толку сјајно сценарио.
Филмот „Triage“ се темели на книга од Скот Андерсон, која е напишана врз основа на сеќавањата на фоторепортерот Марк Волш.
„Денис има напишано сјајно сценарио, пред се многу оригинално и заради тоа ја прифатив оваа улога. Тоа е прекрасна приказна“, изјави Фарел.
Самиот филм ќе започне со снимање кон крајот на април на локации во Шпанија и Ирска, па во Босна и Херцеговина, а Фарел во Сараево ќе помине неколку денови за да се запознае подобро со сценариото и со другите членови на тимот од Танович.