Со 20 успешни одбрани од кои 9 седмерци чуварот на мрежата Кирил Колев беше творец на убедливиот триумф на Охрид на гостувањето во Радовиш. Победата против големиот ривал е втора за охриѓани во третиот меч во Супер лигата кој ги смести на средината од табелата.


– Мораме да признаеме дека победа со ваков резултат и разлика не очекувавме. Нормално дека се подготвуваме и посакувавме победа, но никој од нас не се надеваше на ваква. Разликата е голема, но на теренот ние одигравме констатно добро во текот на сите 60 минути и не им оставивме простор за надеж на домашните ракометари. – рече Колев.

Искусниот чувар на мрежата смета дека играта, пристапот и желбата на дуелот со Радовиш треба да биде дел од ракометарите во секој натпревар од Супер лигата сезонава.

– Се беше на високо ниво поставено и затоа резултатот не изостана. Кога играш со срце и ја посакуваш победата среќата ќе те послужи. Нас се ни одеше од рака и ги склопивме сите коцки за победа. – додаде Колев.


Тој најавува пеколна борба со Пелистер кој во минатото коло претрпе пораз од Работнички во Битола.

– Нивниот пораз и нашата победа се минато. Не смее да играме со нашата победа против Радовиш во нашите глави. Натпреварот со Пелистер е нова приказна, која се надевам за нас ќе биде среќна. – заврши Колев.

Со одбранатите девет удари од седум метри Колев сосема заслужено го освои епитот играч на колото во Супер лигата.

Мх.П.