На денес одржаната седница на советот на општина Охрид повторно се отвори прашањето околу состојбата и мерките кои се преземаат за одржување на колекторскиот систем кој е во катастрофална состојба, како што неодамна изјавија надлежните.

На поставено советничко прашање, градоначалникот Јован Стојаноски информира дека и покрај претходните најави дека државата ќе ги преземе ингеренциите околу управувањето со колекторот, засега нема никаква конкретна активност.

  • Аплициравме и добивме две пумпни станици, сега наредно ветување е дека со претстојниот ребаланс на буџетот на државата ќе се издвојат 10 милиони денари за нови пумпни станици. Ние одлучивме да издвоиме два до три милиони денари за станици, но со тоа не се решава проблемот со колекторскиот систем. Проблемот како локална самоуправа не можеме да го решиме, немаме ниту капацитет, ниту знаење, ниту финансиски средства, рече градоначалникот Стојаноски.

Тој информра дека покажан е интерес од страна на четири странски фирми, меѓу кои од Хрватска, Израел, Унгарија, заинтересирани за стопанисување со колекторот.

  • Станува збор за етаблирани фирми во таа сфера кои дадоа предлог да изградат нови станици и да стопанисуваат во наредниот период. Наш предлог до владата е да ни се даде можност ние сами да одлучиме како ќе го решаваме прашањето, како локална самоуправа по принцип на давање под концесија, да ги разгледаме понудите, секако со согласност на советот. Останува на премиерот да ја донесе конечната одлука, рече Стојаноски.

На денешната седница на која советниците прашуваа, а одговараа градоначалникот и претставниците од секторите при локалната самоуправа беа опфатени повеќе прашања околу работењето на јавните претпријатија, од сферата на урбанизмот и останати проблеми повразни со општината.

На советничко прашање беше кажано дека во изминатиот период поставена е канализациона мрежа во должина од 1 300 метри, изградена е нова водоводна линија во должина од 580 метри. Завршена е реконструкцијата на  улица “Македонија“ од кружниот тек кај градскиот плоштад до пресекот со улица „Јане Сандански“ во должина од 550 метри. На улицата „Сирма Војвода“ асфалтирани се неколку краци во должина од 280 метри, во селото Лескоец асфалтирани се улици во должина од 300 метри, а во село Рача асфалтирани се двата влезови кои водат до ова населено место.

На седницата беше споделена и информацијата дека ЈП „Градски гробишта“ за шест месеци успеало да го намали наследениот долг за околу 53 илјади евра, а ЈП „Билјанини извори“успеало да го сервисира наследениот долг по различни основи за 3 милиони денари.

Т.К.