Експертите од јапонската владина агенција ги завршија проценките за рехабилитација на застарениот колекторски систем на Охридското Езеро. Реализацијата на проектот сега зависи од финансискиот аранжман што треба да го договорат владите на Македонија и Јапонија. Изработката на физибилити студијата целосно ја финансираше јапонската влада која изрази подготвеност да покрие дел од трошоците за ревитализација на колекторот за што е потребна контрибуција и од македонската влада.

Целиот проект согласно физибилити студијата се проценува на над  57 милиони евра, и би се одвивал во период од 15 до 20 години. – изјави Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Експертите укажуваат дека колекторот е во загрижувачка состојба. Системот одамна нема капацитет да ги прими сите отпадни води од Охрид и Струга, поради што често доаѓа до дефекти и еколошки инциденти. Пумпните станици во Воска и Подмоље при поголеми врнежи се надвор од функција и испуштаат непречистени води од колекторот директно во Езерото.

Ако случајно не успееме во претстојните години да издејствуваме рехабилитација на колекторскиот систем тогаш состојбата ќе се влошува,нормално поради застареност од година во година, и преку можните хаварии можно е да дојдеме до ситуација да го доведеме квалитетот на водите во Охридското Езерто како што беше пред изградбата на самиот колектор што ќе биде назадување наместо напредување. – рече Пановски.

Пановски смета дека понудената помош од Јапонија претставува голема шанса долгорочно да се заштити Охридското Езеро, изразувајќи надеж дека политичарите и институциите со помош на меѓународни донатори ќе изнајдат начин проектот за рехабилитација на дотраениот колекторски систем да се реализара.

Горан Момироски