Здравствените власти сметаат дека до крајот на летото во земјава може да биде постигнат процент на имунизирани лица за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет на Ковид-19. Дотогаш, како што изјави вчера ресорниот министер Венко Филипче, би можеле да бидат вакцинирани околу 600 илјади граѓани, што е 50 проценти од популацијата планирана за вацинација.
Податоците што ги објави вчера Министерството за здравство за претходните 24 часа покажуваат дека продолжува трендот со мал број заразени со коронавирусот. Од направени 2.952 тестирања се регистрирани 13 нови случаи на Ковид-19, нема починати лица, а регистрирани се 31 оздравен пациент. Во државава сега се активни 225 случаи со Ковид-19, а од почетокот на епидемијата со вирусот се заразиле 155.640 лица.
Досега се вакцинирани под 300.000 граѓани, а планирано е во следниот период да се вакцинираат уште 300.000 луѓе. Сметам дека до крајот на летото ќе постигнеме процент на имунизирани за кој ќе можеме да кажеме дека е колективен имунитет, изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Се уште, како што вели, не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.
Министерот за здравство посочи дека со оглед на тоа што до крајот на месецов ќе стасаат 500 илјади вакцини од кинескиот производител „Синовак“, како и поголеми дози вакцини „Фајзер“ ќе може да се вакцинираат по 15 до 20 илјади граѓани на ден. Вакцините следниот понеделник ќе бидат распределени на пунктовите за вакцинација, најави Филипче кој вчера прими две донации, едната од 2.313.000 денари за медицинска опрема од Амбасадата на Народна Република Кина и една од 100 илјади долари за борба против Ковид-19 од Друштвото на Црвениот крст на Кина.
Во земјава досега се вакцинирани над 278 илјади граѓани. Вкупно се аплицирани 482.058 дози вакцини, а ревакцинирани се 203.856 граѓани. Како што соопшти Министерството за здравство, 50 проценти од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Според МЗ, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk изразиле 456.607 граѓани.
OhridNews