„Драги колеги, примете искрени честитики за вториот роденеден и посебно за добиената Повелба „Свети Климент -Патронот на Охрид“.

Не сум од оние кои велат дека не ве читаат, а најредовно ѕиркаат што и како пишувате на странците на Првиот охридски електронски весник. Напротив признавам, професионално ве следам и се воодушевувам од вашиот елан, енергија и обидот да останете настрана од притисоците на политичарите и на  некои други кои мислат дека го можат тоа. Ќе ми признаете никаде во светот нема докрај независно новинарство, па и кај нас  ама вие сте од оние  ретките во Охрид и во Македонија кои се обидуваат да избегаат од шаблоните. Вашите вести ја имаат судбината  на  пеперутката – живеат само еден ден . Сепак оставаат трага. А вие како и ние во радиото за кое важи премисата дека е „буре без дно“, таман сте напишале една вест се борите да дојде следната , понова и уште поактуелна. На вистински пат сте- продолжете“. Ова е честитката од нашиот колега, Милчо Јованоски, управител на радио Охрид, по повод роденденот на „Охридњуз“.

Колегата Сашо Нелоски, новинар во Македонската радио-телевизија вели:

„Охридњуз“ е еден од најдобрите проекти во сферата на информирањето што ни се случи во последниве две години и на охриѓани им овозможи навремени, точни и објективни информации во текот на 24 часа“.

Нина Кепеска од приватната национална телевизија А1 ни посакува среќен и бериќетен роденден:„Охридњуз“ и неговата екипа во своите две години од постоењето докажаа дека се буден и најдоследен проследувач на сите локални настани, теми и приказни што го бележат живеењето на Охрид, Струга и овие простори.

-Важно е што тука секогаш се присутни и најважните случувања и теми што го засегаат секојдневниот живот и на сите граѓани во државава, па и Македонците надвор од земјава.

Првиот електронски весник во регионов израсна во неодминливо секојдневно четиво за охриѓани каде и да се во светот, кои се навикнаа на неговата ажурност, објективност, коректност и занимливост во информирањето. На „Охридњуз“ од срце му посакувам долговечност, на неговите творци и соработници многу творечка енергија, истрајност и доследност, а на Охрид уште вакви позитивни примери што ќе бидат гордост во неговиот медиумски простор“, вели колешката Кепеска.

„Во време на ангажирано новинарство и нарачано известување, кога се одзема силината на зборот, секоја иницијатива што има за цел враќање на довербата на граѓаните во новинарското дело секако е за поздравување.

Во мигови кога многумина се обезличија во дневната потрага по профит, „Охридњуз“застана цврсто и истрајува во одбрана на објективноста“, кажува Александар Бачиќ од Македонската информативна агенција-МИА.

Како Симон Илиевски од „Утрински весник“ го оценува нашето работење?

„ Охридњуз“ го доживувам како нова форма на комуникација со медиумската публика  која за две години обезбеди видно влијание и свое место во јавноста. За тоа сведочат илјадниците секојдневни посети на веб-сајтот, не само оттука, туку и од целиот свет“.

Росица Голабоска која ги регистрира настаните во Охрид на Алфа Телевизија во нејзината честитка пишува:

„Да се биде најдобар, значи да се сака, да се може и да се умее. Во изминативе 2 години покажавте дека умеете и затоа успеавте. Успехот не е случаен, секој успех е триумф на упорноста. И да не звучам премногу официјално, сепак  весникот е дело на мене многу драги и  блиски колеги. „Охридњуз“ го отворам почесто отколку сопствениот новчаник и како што милувам да му кажам на почитуваниот Момироски: Не можам да го завршам работниот ден,додека не се осигурам дека не сум испуштила некоја информација. 1.30 по полноќ е последната проверка на „Охридњуз“. Ова е корисен податок за сите читатели кои сакаат да бидат навремно информирани. Ви ја честитам годишината, верувам дека ќе продолжите да работите во интерес на своите читатели“, ни посакува колешката од Алфа телевизија.

“Охридњуз” дојде како еден предвесник на новите модерни текови во информирањето кои ги донесе брзиот технолошки развој во информатичката сфера.  Од самиот почеток овој портал успеа да го заземе местото во јавното информирање во Охрид и пошироко и денес слободно можам да кажам дека “Охридњуз” е портал кој успева да го диктира јавното информирање пред се во делот на дневните случувања каде е доминантен”, оценува Љупчо Танески, ОХ-1 продукција и сопственик на “Мегастар медиа груп”.

-Танески ни пишува: “Јас лично секојдневно се информирам преку интернет каде ги прегледувам информациите од дневните весници, телевизиите и радијата и искрено секој ден наутро напладне и навечер отворам Охридњуз. Брзото пласирање на информациите на порталот без сомнение ги истисна останатите електронски медиуми, тука пред се мислам на телевизиите кои со години доминираа во информирањето. Секако тие се уште приматот го имаат кај информатички неактивната популација, но кај младите, бизнисмените и условно кажано помодерните луѓе приматот денес го има интернетот. Е тука кај активната популација која се информира на овој начин, во Охрид доминира “Охридњуз”. И покрај тоа што сега сите медиуми имаат свои портали “Охридњуз” е неспоредливо пред сите, што е факт кој мора да се признае.Танески вели дека во реалниот свет  на информирањето, “Охридњуз ” има улога на градска информативна агенција, иако за жал често тоа се злоупотребува, вели Танески.

Колешката Тања Кувенџиска ни изјави: „Охридњуз“ е медиум од којшто може да се дојде до информација за се што се случува во Охрид. Страница за која верувам дека секој ја отвара најмалку еднаш во денот за да се информира. „Охридњуз“ служи како пример за сите останати медиуми“.

„ Ви честитам за Повелбата. Добро е да има повеќе интернет портали. Конкуренцијата си го прави своето , но најуспешните секогаш ќе бидат на врвот, а неамбициозните медиуми со тек на време ќе видат дека не им е местото во етерот“, вели сопственикот на Независна телевизија, Зоран Стефановски.

Ohridnews