И додека ја гледате новата реклама на Кока Кола, веруваме дека ќе останете изненадени кога ќе сфатите дека наместо планетарно популарниот газиран пијалок гледате реклама за млеко. Да, оваа корпорација одлучила, после неуспехот на пазарот со минерална вода, да се проба во производство на млеко.

Кока Кола ќе продава млеко под назив Ферлајф, кое ќе биде 50% похранливо од вообичаеното, ќе содржи 50% повеќе природни протеини и калциум, и ниско ниво на шеќер. Она што на потрошувачите нема да им се допадне е двојно поголемата цена од вообичаеното млеко. Првата количина на ова млеко ќе се најде наскоро на полиците од американските продавници, јавува Индипендент.

Спротивно на досегашните стандарди, каде млекото се произведува во контроверзни мега млекари во кои кравите се чуваат затворени во текот на цела година, од Кока Кола велат дека своето млеко ќе го произведуваат на 92 фарми кои гарантираат удобност на животните и најголем стандард на квалитет. Во компанијата, која традиционално е насочена кон производство на газирани пијалоци и која поседува повеќе од 1000 различни брендови на пијалоци ширум светот, сметаат дека производството на млеко долгорочно е исплатлива инвестиција.