Почитувани граѓани на општина Дебрца,

Локалните избори во општина Дебрца завршија. Со волјата на граѓаните избрани се нов градоначалник на општината и нови членови на советот на општината. Најнапред на новоизбраниот градоначалник и новоизбраните членови на советот на општината им го честитам изборот и им посакувам успешна работа во наредниот четиригодишен мандат.

Во пресрет на денешното примопредавање на локалната власт и конституирањето на новиот совет на општината  сакам да потенцирам неколку работи, кои вреди да останат забележани.

Во изминатиот мандат како градоначалник и совет на општината работевме посветено во интерес на граѓаните на општината, а за што сведочат бројните реализирани проекти. Во оваа прилика сакам да потенцирам неколку проекти за кои се поднесени апликации или се започнати со реализација, а кои заради времето  или други причини останаа недовршени, како што се- изградбата на монтажното училиште во село Волино, во соработка со Министерството за образование и наука, поднесена апликација за изградба на фекална канализација за село Мешеишта, во рамките на Проектот за изградба на водоводи и канализации во Република Македонија, поднесени  апликации до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за изградба на улица во село Волино и ревитализација на извори “Долни Исток”  во село Велмеј, од Програмата за рурален равој за 2012 година, започната изградбата на спортски полигон во село Оровник и започнат проектот за набавка на контејнери во рамките на Програмата “Форуми во заедницата”,  во соработка со Општина Струга и донаторот- Швајцарската агенција за развој и соработка. Се надеваме дека сите овие проекти успешно ќе бидат дозавршени од новата локална власт.

Исто така, мора да се потенцира и тоа дека на денот на примопредавањето сметката на буџетот на општината Дебрца се предава со позитивно салдо од 4.535.203,00 денари, без никакви долгови. Сите преземени обврски кон добавувачите се извршени.

Крајно, изразувам благодарност до сите граѓани на општина Дебрца кои и на овие локални избори ја подржаа мојата програма и кандидатите за советници од советничката листа на коалицијата “Сојузот за иднината”, како и до сите останати граѓани со кои во изминатиот период остваривме успешна соработка при имплементација на бројните проекти. Во наредниот период ќе бидеме одговорна опозиција, која како и досега ќе остане  доследно посветена на интересите на граѓаните на општината Дебрца.

Љупчо Којчиноски, досегашен градоначалник на општина Дебрца

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews  не сноси одоговорност за содржината на истите.