Неполна недела откако Советот со тајно гласање го донесе Деталниот урбанисти план за Урбаната единица 7, Урбан модул 1, во јавноста не стивниваат реакциите, а партите продолжуваат да си ја префрлаат одговорноста за легализацијата на спорната зграда на булеварот Туристичка.
Деновиве опозицијата и позицијата во Советот, разменија тешки обвинувања за соработка на “другата страна“ со урбанистичката мафија. Електронските медиуми деновиве се поле за вербална пресметка помеѓу претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Владо Стефаноски и координаторот на СДСМ во Советот, Бранко Трпчески. И едниот и другиот вината за дионесениот Детален урбанистиички план ја префрлаат кај другите.
Стефаноски ја обвини Коалицијата За Македонија заедно за врвна хипокризија и побара Советот поради, како што рече, поврзаност со урбанистичката мафија да се самораспушти.Трпчески пак отфрлајќи ги обвинувањата директно ја посочи коалицијата За Подобра Македонија за злоупотреба на мнозинството и ја обвини за последните случувања во советот.
Кој е во право тешко може да се каже, бидејќи советниците при донесувањето на спорната одлука се скрија зад тајното гласање. Со тоа се создаде голем сомнеж во јавноста која сега со право бара одговорност од народните претставници кои според неа наместо општиот го штитат личниот интерес. Како и да се земе, факт е дека за спорната одлука гласале 14 советници, што според одредени советници јасно покажува дека ЗА гласале претставници од сите советнички групи. Во обид да го релативизираат овој факт најголемите советнички групи и коалиции со денови водат вербална војна во медиумите за тоа кој е виновен што советот ја изгласа спорната одлука, притоа обидувајќи се себе си да се амнестираат од одговорност, што засега тешко им оди.