Во повеќе наврати пишуваме за скандалите кои ја тресат МССФ, а за тоа никој досега не понел никаква одговорност. Македонската спортска стрелачка федерација е членка на меѓународната спортска стрелачка федерација и тоа под уставното име на РМ и како таква е должна да ги почитува меѓународните правилата и прописи. Наместо тоа во МССФ се прават огромни кршења на овие правила и прописи иако самата федерација ги прифатила и усвоила истите во спроведувањето на натпреварите. Истовремено во МССФ не се почитуваат дури ни Законот за спорт, ниту пак Законот за здруженија и фондации.


Образложение:

* Од страна на МССФ на годишните Собранија дозволено им е гласање на клубови кои ниту извршиле пререгистрација на клубот во пропишаниот рок согласно Законот за здруженија и фондации, ниту пак учествуваат во системот на натпревари организиран од МССФ-спротивно на Законот за спорт.

* Селекторот на македонската стрелачка репрезентација наместо со предлог и гласови од клубовите од меѓународна програма е избран со гласови од клубовите на национална програма, па се прашуваме дали тој и репрезентативците треба да се  припремаат за настапи во национална програма или пак истите треба да вршат подготовки и да се натпреваруваат на европски првенства, светски купови и ОИ?

Едно од најважните прашања е каде се наоѓа македонското спортско стрелаштво во моментов и зошто нашите стрелци на меѓународен план покажуваат слаби резултати?

Постои едно логично објаснување- настапите на меѓународна сцена кои можат на прсти да се избројат се во режија односно на товар на клубовите или пак на родителите на стрелците, додека пак федерацијата не се заинтересирала ниту да им обезбеди подготовки на стрелците, ниту пак да им овозможи учество на натпреварите од меѓународен план. Единствено нешто во кое учествува федерацијата е пријавувањето на стрелците на барање од клубовите, но за возврат бара писмена потврда дека трошковите за настап на стрелецот на меѓународен план ќе ги сноси клубот, стрелецот или родителот и дека за трошоците нема да се бара од федерација никаков надомест.

Што понатаму се случува…..иако стрелците сите подготовки за првенсвта како на домашен така и на меѓународен план ги изведуваат во матичните клубови, со тренерите кои деноноќно работат со нив, Претседателот на МССФ без претходна Одлука на УО на МССФ, и без доставено известување до клубот, на своја рака одредува и доставува список до МОК на кој бара Селекторот да патува со нив (конретно е последиот случај во врска со настапот на Нина Балабан на медитеранските игри во Мерсин, Турција) Оттука го поставуваме прашањето: како некој кој нема никаков удел во тренажниот процес, ниту пак во финансирањето на стрелецот, си зема за право да одредува односно наметнува други лица да патуваат на меѓународен настап и која ќе биде неговата улога таму, имајќи во предвид дека ниту ја познава моменталната спортска форма на стрелецот, ниту пак  извршил припреми со истиот за да види во која насока се одвива тренажниот процес?

А еве како грубо се нарушуваат правилата и прописите за одржување на натпревари на домашен план:

* Согласно член 5.1 од Општите правила на МССФ, натпреварите треба да се одржуваат на стрелишта со минимум 20 стрелачки места, а наместо тоа МССФ ги организира натпреварите на стрелишта кои не ги исполнуваат ниту минималните услови за одржување на истите (на 5-10 стрелачки места, во Битола и Штип) несоодветно осветлени, без тоалети (Битола) и други помошни простории. Согласно правилата во Македонија само две стрелишта ги исполнуваат условите за одржување на натпревари, но поради нарушените односи на раководството на МССФ со клубовите, на овие стрелишта не се организираат натпревари. За споредба-замислете фудбалски натревар Вардар-Тетекс да се одигра на ракометно игралиште во Струга!!!

* На Купот во Скопје од меѓународна програма на стрелец му е дозволено да се натпреварува со оружје од национална програма со дозвола на Делегатот (кој по обичај е  Селекторот)

* На приговор на натпревар наместо да одлучува Жири за жалби, на обичен лист одговара кој друг ако не Делегатот кој случајно е и Селектор на репрезентација, спротивно на став 4.6 од важечките правила. Знае ли Делегатот-Селекторот која е неговата улога на еден натпревар?

* Делегирањето на судии, Жири комисии, Делегат- наместо да го вршат задолжените тела во МССФ тоа го прави Претседателот на УО на МССФ !?!?!

* најголемиот преседан што некогаш е направен во македонското стрелаштво е Државното првенство во национална програма во  Битола што се одржа на 02.06.2013 година. Имено натпреварот започнува час и половина пред да пристигнат судиите од Скопје за истите да си заминат два часа пред завршувањето на натпреварот. На истиот тој натпревар на самиот крај назначените судии од Битола од страна на Претседателот на МССФ учествуваат како натпреварувачи. Во која земја и во кој спорт го има тоа? Но сето ова за вечниот Делегат на натпреварите е многу нормално.

И за самиот крај на текстов:

Господо  од МССФ немојте да го валкате угледот на спортистите кои и така ги немаме многу, бидејќи се повеќе стрелци го напуштаат овај спорт разочарани од неправдите кои им се нанесуваат. Дури и некои клубови кои што нешто значат во овај спорт го откажуваат своето учество на домашен план, со што Македонија губи квалитетни стрелци кои достојно би ја претставувале на меѓународен план. Што мислите дека меѓународната спортска стрелачка федерација не го гледа тоа? Постои опасност да бидеме исклучени од ИССФ-а за повторен прием и со кое име не одлучува господинот што е задолжен за спроведување на правилата и прописите во МССФ!!!

Стрелачки Клуб „Охрид“

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на
истите.