Има струја – нема струја, има струја – нема струја. Не, ова не е никаква шега, туку реалната состојба во спортската  сала „Билјанини извори“ во Охрид која се повторува од средата наваму.

Како што објави ohridnews, во средата екипи на ЕВН подружница Охрид ја исклучиле струјата во спортската сала поради неплатен долг. По интервенција струјата вечерта била пуштена за да се одигра напреварот од Првата лига помеѓу АМАК и Работнички и утрото во 9ч. била повторно исклучена. Струја немаше викендов, поради што немаше  и натпревари, но во понеделникот салата беше приклучена на електро мрежата и се одржа тренинг на АМАК.

Тоа како што дознаваме ги збунило надлежните во ЕВН Охрид кои вчера отишле да прашаат во салата кој ги приклучил на електро мрежата бидејќи тие тоа не го направиле ! ? Ако е така се наметнува прашањето дали некој можеби салата ја приклучил на диво?

Иако во информативните емисии на локалните медиуми синоќа беше пренесено дека салата „Билјанини извори“ во Охрид нема струја, екипата на ohridnews и синоќа беше сведок дека во сaлата повторно имаше тренинг активности под рефлектори. Што всушност се случува со салата „Билјанини извори“ и кој тоа таму ја вклучува и исклучува струјата засега нема конкретен одговор.


од тренингот на АМАК во понеделникот вечерта

Со спортската сала „Билјанини извори“ од 2005 година стопанисува ЈП Охридски Комуналец, од каде како што веќе објавивме информираа дека долгот на салата за струја изнесува околу 300.000 денари и дека проблемот настанал откако неосновано ЈП за стопанисување со спортски објекти писмено побарало од ЕВН да се исклучи струјата во охридската сала. Според надлежните во Комуналец државното јавно претстпијатие нема право да го бара тоа бидејќи тоа нема договор со општинското јавно претпријатие за салата.

Неодамна Советот на општина Охрид даде зелено светло за формирање посебно јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти во Охрид кое треба да го преземе раководењето со спортската сала „Билјанини извори“ во која сега пали и гаси кој ќе стигне.

Горан Момироски