Локалната самоуправа го одврза ќесето. Откако во јавноста најпрвин се пласираа информации дека општината нема доволно средства да го повтори ланскиот новогодишен амбиент кој од соседните држави беше прогласен за најдобар на Балканот, градските власти ретерираа во ставот и најавуват дека и оваа Нова година во Охрид ќе биде дочекана на високо ниво.

Деновиве како што дознаваме ќе започне украсувањето на градот за што е постигнат договор со специјализирана фирма од Скопје. Покрај минатогодишните реквизити амбиентот во центарот на градот ќе биде надополнет со нови новогодишни мотиви, а градските власти најавуваат дека Охрид за претстојните празници ќе изгледа величенствено.

Деновиве треба да биде решена и дилемата кој ќе ги забавува охриѓани и гостите на градскиот плоштад за Нова година. Дознаваме дека фаворит на градоначалникот Петрески бил пејачот Владо Јаневски, но подеднакви шанси да настапат во Охрид за најлудата ноќ имаат и Ламбе и Елена Ристевска кои беа во комбинација и минатата година.

Од локалната најавуваат дека во наредните неколку дена ќе бидат решени сите дилеми и дека ќе отпочнат подготовките за дочек на Новата година во Охрид.

Г. Момироски