Преговорите околу формирање на мнозинство во советот на општина Охрид веројатно одат многу потешко од очекувањата на “главните“ политички играчи, поради што сеуште не е закажана првата работна седница во нов состав.

Партиите велат дека преговорите се при крај и дека наскоро може да се очекува формирање на советничко мнозинство, но така е повеќе од еден месец.

Градоначалникот Петрески неодамна изјави дека седница на советот може да се свика и без да се формира мнозинство, при што изрази очекување дека советот би можел да заседава кон крајот на мај.

Во статус кво ситуацијата не се исклучува можноста седница да иницира некоја од поголемите партии. Таква можност има изјави за „Ohridnews“ советникот на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Паноски.
 
“Согласно Статутот и Деловникот прецизирани се начините на свикување на седница на Советот. Доколку првите два елементи не се подготвени за седница тогаш ВМРО ДПМНЕ како одговорна партија и партија со најбројна советничка група во Советот на Општина Охрид веројатно ќе треба да го искористи механизмот барање од 1/4 од членовите на Советот(согласно член 42 од Деловникот) и да иницира седница , затоа што на Охрид тоа му е сега неопходно”, вели Паноски.

Тој вели дека партиите сеуште се во процес на преговори околу мнозинството во Советот, што според него го оптоварува политичкото делување во овој момент.

„Веројатно тој процес нема да трае уште долго, но независно од преговорите за мнозинство, чинам дека е крајно време Советот да заседава затоа што Охрид го очекуваат неколку важни одлуки во пресрет на туристичката сезона. Ние мора да одлучуваме за новиот летен сообраќајниот режим на градот, за акција за прскање против инсекти, за поставување на урбана опрема од времен карактер во центар на градот, и други прашања. Немаме многу време за празен од”, вели Паноски.

Ohridnews