Мешовите комисија формирана од општината ги испитува причините за загадувањето на изворот кај црквата Св. Петка во манастирскиот комплекс Св. Наум. Првичните аназили во кои биле вклучени и експерти од Хидробиолошкиот институт покажале дека загадувањето доаѓа од манастирскиот комплекс.


Испитувањата утврдија дека водата кај црквата Св. Петка бактериолошки е загадена од фекалната канализација што истекува од манастирскиот комплекс, поточно од хотелот или од ресторанот кој е лоциран тука, изјави Танас Танасоски, раководител на Комуналната инспекција – Охрид.



Тој рече дека Комисијата побарала од хотелот да достави техничка документација за приклучување на објектот на пречистителната станица на воениот камп кој се наоѓа во близина. Исто така, јавното претпријатие Проаква ќе испитува дали фекалните води од комплексот завршуваат во пречистителната станица, или на друго место.

– Ако се утврди дека хотелот „Маркони“ ја нема регулирано фекалната канализација тогаш ќе дојде до негово затворање, затоа што не смееме да ризикуваме, особено заради фактот што манастирот е посетен од сите гости кои доаѓаат во Охрид, истакна Танасоски.


Танас Танасоски

Анализите на Заводот за здравствена заштита покажале присуство на бактерија ешерихија коли и ентерококи во водата од изворот кај црквата Св. Петка. Според раководителот на заводот, Атанаско Михаилов, како причина од таквото загадување на инфективното одделение во болницата во Охрид биле примени повеќе пациенти кои се жалеле на стомачни проблеми.

-Водата од изворот кај црквата Св. Петка не е хлорирана и не е за употреба, бидејќи бактериолошки е неисправна, додека водата која ја користат комерцијалните објекти во комплексот е каптирана и хлорирана и таа е добра за пиење, посочи Михаилов.


Атанаско Михаилов

За проблемот известена е и Македонската православна црква бидејќи водата од загадениот извор верниците кои тука доаѓаат секојдневно ја користат како лековита вода. Пред изворот поставено е предупредување дека водата не е за пиење, а надлежните најавуваат дека ќе бидат преземени и други мерки за заштита на многубројните посетители.

Ohridnews