Министерот за транспорт и врски на Македонија, Миле Јанакиевски, по средбата со неговиот албански колега Соломон Даши на 13 јули во Охрид даде ветување дека бродската линија Охрид Поградец ќе профункционира до крајот на оваа туристичка сезона.
Тогаш и двајцата министри се обврзаа дека по средбата ќе дадат насоки на локалните власти да ги завршат потребните работи за да може конечно бродската линија да профункционира. Меѓутоа, ниту оваа сезона бродовите од Охрид не тргнаа за Поградец. Македонските власти се вадат дека причината што сеуште не е воведена оваа бродска линија е неподготвеноста на Поградец.
Но, на теренот друга слика. Во Поградец пристаништето е комплетно реновирано, а обезбедени се и простории за пасошка и царинска контрола, што значи дека проблемот не е кај албанската општина.
Кој го кочи воведувањето на бродска линија Охрид – Поградец?
Потпретседателот на општина Поградец, Вилсон Мако, вели дека се превземени потребните мерки за воведување на бродската линија. Точно се знае каде ќе се врши пасошката контрола и како ќе бидат прифаќани патниците по пристигнувањето на пристаништето во Поградец ни изјави Мако.
„Од страна на општина Поградец по порака на министерот Сокол Одаши за воспоставување на бродската линија се превземени сите потребни мерки за реконструкција и уредување на мостот и пристаништето во Поградец за прифаќање на бродовите . Уште веднаш на почетокот на оваа туристичка сезона општината ги забрза работите и ги стави во оптимална функција капацитетите на градот за пречек на траектот“, рече Мако.
Одговорноста не смее да падне на општините, велат во Подградец. Локалните заедници се многу заинтересирани за воспоставување на оваа линија, за полиберално движење на граѓаните, не само преку двата гранични премини туку и по езерски пат, вели Мако .
„Пораката од околијата Поградец е дека граѓаните го очекуват доаѓањето на траектот од Охрид. И градот и граѓаните се многу заинтересирани стружани и охриѓани да го посетат Поградец и обратно тие да поминуваат неколку дена или часови во Охрид и Струга, што само може да биде во функција на развој на туризмот, вели Мако.
За разлика од охриѓани и стружани, граѓаните на Подградец можат да одат слободно на другата страна на границата со задржување до 24 часа и да се вратат без да плаќаат виза на граница.
Мики Трајковски