Откако Дорис Пак се налути и јавно изјави дека никогаш не изјавила нешто такво, ниту за тоа разговарала со македонскиот претседател, од кабинетот на Иванов стигна демант дека шефот на државата бил погрешно разбран и интерпретиран од новинарите. Кабинетот на претседателот стапил во контакт во европратеничката на која и бил пренесен ваквиот став по што таа се откажа од најавената тужба против Иванов. Претседателскиот кабинет меѓутоа тврди дека новинарите погрешно информирале и за телефонскиот разговор со европратеничката, односно дека Иванов не разговарал со Дорис Пак. Дилемата синоќа во телефонска изјава за А1 телевизија ја разреши лично европратеничката Дорис Пак која на прашањето на новинарот Билјана Секуловска: „Дали разговаравте со претседателот Иванов телефонски?“ – одговори: „Разговарав со него и тој рече дека не го изјавил тоа што јас тврдам дека го изјавил“.
Зошто тогаш некој упорно се обидува вината за случајот да ја префрли на новинарите, кои само пренесоа тоа што слушнаа. Не поединци, туку сите редакции кои имаа претставник на брофингот ја пренесоа информацијата која сега се релативизира и толкува поинаку од Кабинетот на шефот на државата. Друго е што изнесената теза на брифингот во вилата „Билјана“ во Охрид ја оспорија и двајца политичари од највисокото државно раководство во 1995 година. Во изјава за скопската телевизија „Алфа“, Стојан Андов, тогаш претседател на Собранието и вршител на функцијата претседател на држава по атентатот врз претседателот Киро Глигоров, како и министерот одговорен за односи со Европската заедница, Јане Миљоски, демантираа дека Македонија добила понуда од меѓународниот фактор да отпочне преговори за членство во ЕУ и НАТО под привремената референца.
Дека некој ја утнал работата е повеќе од очигледно, но тоа секако не се новинарите присутни на брифингот, бидејќи сите без исклучок ја пренесоа спорната информацијата која Кабинетот на претседателот не ја демантираше дента кога беше објавена. Тоа беше направено дури откако стигна демантот од европратеничката Дорис Пак која ја контактираа новинарите за да ги потврдат информациите добиени на брофингот со претседателот Ѓорѓе Иванов.