– Најверојатно поради врнежливата зима и под налетот на урбанизацијата на „Калето“ на просторот над познатата Куќа на Робевци се одрона голем дел од ридот, велат од локалната самоуправа.
Надлежните од Заводот и Музеј Охрид се согласуваат дека причина за одронот е природата, но исто така укажуваат дека големо влијание има и неконтролираната градба во стариот дел на градот, каде според грубите проценки има околу 200 објекти на кои нелегално се доградени балкони, баџи, па дури и цели катови. Такви градби, според одговорните во Заводот и Музеј има и на ридот над музејот Робевци.
– Ние ги констатираме дивите градби и истите ги пријавуваме до Управата за заштита на културното наследстви и до надлежната инспекција во Општина Охрид. Управата реагира и доаѓа со свои инспекции и по извршениот увид доставуваат извештаи до градежната инспекција и тука нашите ингеренции завршуваат. Се што понатаму треба да се случи да се спречат дивите градби, да се донесат решенија за уривање и тие да се изврашат е во надлежност на локалната самоуправа, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на охридскиот Завод и Музеј.
Бунташеска тврди дека сите диво изградени објекти во заштитеното градско јадро се евидентирани и пријавени и дека согласно новиот закон за заштита на културното наследство се врши строга контрола на сите градби во стариот дел на Охрид.
-Пред некој ден се вршеше уривање на една дива градба, но мислам дека не треба да постои селективност и треба да се отстранат сите што се пријавени како нелегални градби, посочи Паскали Бунташеска.