Тепачки, рекет, лихварство, убиства….тоа е сликата на Охрид денес. Капка што ја прели чашата беше неодамнешното претепување до смрт на српски турист во центарот на Охрид. Градските власти се анместираат од одговорност, бидејќи немале ингеренции во областа на безбедноста, но сметаат дека полицијата знае се и треба да го расветли случајот до крај.
 
– Постојат снимки и осомничени и случајот треба да се расветли низ институциите на системот. Ние сме должни пред семејството на покојниот Дејан тоа да го направиме и доколку некој се обиде случајот да го прикаже поинаку од она што беше, како локална самоуправа и јас како градоначалник ќе одиме до крај да се дознае целата вистина, изјави деновиве градоначалникот Александар Петрески.

Но, каде беа загрижената локална самоуправа и полицијата пред трагичниот настан на кој претходеа бројни инциденти, од непочитување на Одлуката за работно време донесена токму од Советот на општината, секојдневно прекршување на Законот за бучавост за што сведочат  рекордниот број пријави во СВР Охрид летово, нелегалното поставување тезги и времени објекти, честите тепачки? Петрески тврди дека проблемите биле воочени и дека дебата на оваа тема се подготвувала уште пред да се случи трагичниот настан.

– Треба да се стави крај на девијантните појави во градот. Извештајот за безбедносната состојаба во Охрид и за работата на охридската полиција е готов десетина дена пред да се случи  немилиот настан и ние имавме предложено точка на дневен ред на првата седница на Советот по летната пауза, затоа што сметаме дека во тој дел охридската полиција се однесува неодговорно, истакна Петрески.

Расправата по оваа точка е одложена за идната седница, што најверојатно ќе се одржи на 13-ти септември, за да се избегне евентуална злоупотреба на немилиот настан во политилчки цели, додава Петрески. Тој рече дека и без овој трагичен настан има за што да се зборува,  и ги повика државните институции да се справат со криминалот во Охрид.

Според најавите на претстојната седницата, на која единствена точка на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во Охрид, од командирот на Полициската станица – Охрид ќе бидат побарани одговори за дејствувањето на  униформираната полиција, која според  градските власти потфрлила во чувањето на  јавниот ред мир.

OhridNews