Познатиот шансониер и актер, Шарл Азнавур, на 4 јули ќе допатува во Охрид каде ќе го прими признанието за животно дело што му го додели Фестивалот на францускиот филм кој годинава ќе се одржи по втор пат.

Шарл Азнавур, (роден како Shahnour Varenagh Aznavourian на 22 мај 1924 година во Париз) е ерменско-француски пејач и композитор со светска слава. Тој воедно е актер, активист и дипломат. Азнавур е препознатлив по нискиот раст и уникатниот тенор. Има настаено во 60 филмови, компонирал над 1000 песни на англиски, италијански, шпански и германски јазик и има продадено над еден милион албуми.

Во 1998 година Шарл Азнавур е прогласен за забавувач на векот во избор на „CNN“ и читателите на “Time online“ од целиот свет. Во изборот тој ги победи Елвис Присли и Боб Дилан. Азнавур има пеено за претседатели, папи и членови на кралски семејства, но познат е и по хуманитарните забави и како основач на добротворната организација „Aznavour for Armenia“. Во 2009 година назначен е за амбасадор на Ерменија во Швајцарија и нејзин претствник во Обединетите нации.

Често споредуван со Френк Синатра, Азнавур најмногу пее за љубовта. Во 1974 година ја испеа една од најубавите негови песни „She“ со која го освои светските топ листи и беше прв на сингл листата во Велика Британија.


Во 2006 година Азнавур ја започна светската турнеја која сеуште е во тек. На 4 јули легендарниот шансониер ќе допатува во Охрид.

Ohridnews