По долги преговори, шпекулации и манипулации со јавноста затскриени зад “ексклузивитетот“ на одредени медиуми, новоизбраните советници и политичките партии кои партиципираат во градското Собрание на вчера одржаната седница, прва работна по конституирањето пред речиси два месеци, демонстрираа неодговорност и политичка незрелост. Како поинаку може да се толкува рашомонијадата од седница на која “со сигурност“ требаше да биде избран претседавач на Советот, кој никако да почне да ги решава проблемите на граѓаните. Тоа е така затоа што советниците и партиите, чест на исклучоци, не можат да се договорат за распределба на функциите и сопствените интереси. Така беше и вчера. Се тактизираше со дневниот ред и статутот за на крај по жестоки меѓусебни обвинувања на барање на СДСМ, седницата да биде прекината. Според најавите таа ќе продолжи во вторник до кога главните политички играчи во советот ќе се обидат да го договорат мнозинството кое упорно тврдеа дека го поседуваат, ама тоа никако да профункционира.


Кој е крив? ВМРО ДПМНЕ за фијаското на вчерашната седница директно го обвини СДСМ.

На самата седница немајќи мнозинство предложија измена на дневен ред, ставија друга точка која како конструктивна опозиција ја прифативме. Очигледно е дека во пресрет на конгресот на СДСМ нивните интереси се партиски. Значи партиските интереси ги ставија пред интересите на граѓаните и градот Охрид, рече во изјава за медиумите по прекинот на вчерашната седница, претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ, Борче Стефаноски.


Координаторот на советничката група на СДСМ, Бранислав Трпчески со контра став.

-Партиските интереси немаат никаква допирна точка со работата на советот. Нашите партиски интереси се наши и не ги мешаме со работата на советот. Ако имавме некои други намери тогаш комплетно ќе ја одложевме седницата. Му дадовме тежина на формирањето на сите помошни тела за да во понатамошниот период согласно статутот, деловникот и законот за локална самоуправа оние предлози кои што ќе пристигнат до Комисијата за именување и мандати таа легално да ги предложи до советот и тие да можат да бидат изгласани, истакна Трпчески.

Колку да им се брои советниците ги изгласаа составите на 11 комисии кои претходно биле договорени на заедничка кординација во вторникот, но претседавач не избраа. Седницата беше прекината со што партиите си “купија“ дополнително време за договор. Продолжението е закажано за вторник.

Ohridnews