За претстојната сезона во ракометната Супер лига охридскиот клуб се засили со пет ракометари кои треба да го подигнат квалитетот, да ја зголемат конкуренцијата и заедно со „старите“ играчи да ги исполнат високите цели на екипата.
Во Охрид пристигнаа голманот Кирил Колев, крилото Петар Николиќ, пивотменот Даниел Трајчески и бековите Горан Печенковски и Константин Вешоски.
Кирил Колев – Тој прв му се придружи на охридскиот состав и треба да биде најголемо засилување за сезоната што доаѓа. Охриѓани го паметат по браворузните одбрани кога го носеше дресот за струмички Зомимак. Неговото искуство треба да биде само поттик за останатите играчи во клубот.
Петар Николиќ – На мечот со Металург 2 го покажа својот квалитет постигнувајќи девет погодоци. Заедно со Трифуноски на десната крилна позиција треба да бидат нерешлива енигма за противничките голмани.
Даниел Трајчески – Со доаѓањето од Куманово ќе ја зголеми и тоа како големата конкуренција за пивотменската позиција. Староседелците Поп-Стефанија, Тасески и Анѓелкоски нема лесно да се предадат во борбата за место во тимот.
Горан Печенковски – Треба и мора да биде освежување за нападот кој во споредба со одбраната е послаба алка во охридскиот состав. Минатата година во дресот на Преспа против Охрид постигна девет погодоци и го потврди својот квалитет.
Константин Вешоски – Со него управата на Охрид ги комплетираше новите засилувања. Тој ќе дејствува на десната бековска позиција онаму каде што „гладијаторите“ се „најтенки“. Иако доаѓа од Пелистер пред него има голем предизвик да ја импресионира охридската публика која веднаш ги препознава добрите ракометари.
Михаил Постоловски